Ги претворивме Грците во Карабатиќи

Пишува: Ричи Ѓамовски

Горчината што ја довлечкавме со нас од Кожани, тврдоглаво одбива за избледи макар за нијанса и по една преспана ноќ. Едноставно не е дизајниран организмот да свари за 12 часа се што беше сервирано во Кожани и два дена претходно во Битола. Посебно во Кожани што дојде како продолжение на најлошиот ракометен викенд, по оној во Гдањск во 2016. За волја на вистината ги имало и претходно, но далечни се тие времиња, одамна архивирани под купот на добри резултати. 

РАУЛ
Кога војската ја губи битката, виновен е генералот. Во случајов - командантот. И неговата одговорност овој пат не може да биде недопирлива зад добрите манири и шампионската титула со Вардар. 
Наш впечаток е дека Раул не се занимаваше доволно со Грција. Да не беше така, ќе имаше решение за тие две-три акции на лимитираниот противник што проаѓаа цел натпревар. Немаше ниту неговата легија толку ноншалантно да влезе во битката и да се загуби на бојното поле. А, ако ние сме грешка и тактиката била спремна, но не била реализирана, тогаш селекторот, а и целиот наш тим има друг проблем за решавање. 
Една изјава на селекторот по мечот постојано ни одѕвонува. 
- Ние играме со најдобрите играчи. Еве кажете вие кој не е повикан?
И тоа е точно. Не очекувавме да ни ја објасни целата стратегија за подмладување, работење на создавање на замени за Миркуловски, Лазарови, Прибак... Од кога е Раул селектор, а тоа е веќе година и пол, Македонија игра исклучиво со најсилниот или најпроверениот состав. За цело тоа време во тимот не е приклучен ниту еден нов играч. Тука не ги сметаме играчите што како „декор“ беа пријавувани во 28 или 20 на поширокиот список. Но, дали тоа значи дека вакви ќе бидеме и на СП? 
Рековме ли дека не очекувавме да ни ја објасни целата стратегија? Хм... 
- И новинарите и јавноста сакаат да бројат со колку разлика ќе ги победиме Турција и Грција. Но, не е така. Треба да се има почит, противниците се јаки...
Почит кон сите противници треба да се има, но јаки? Истава Грција пред три дена загуби 14 разлика од Исланд, а Турција дома 11 разлика од Исланд. Истиот тој Исланд со кој за два месеца ќе играме решавачки меч на СП за пласман во главна рунда и потоа пак во април во продолжение на овие квалификации...

ОДБРАНА
Еден од клучните елементи во нашето фијаско во Кожани беше одбраната. Покрај нашата одбрана, Харалампос Милонас изгледаше како да е Никола Карабатиќ. Сите изгледаа така кога се кршеше резултот. На крајот на денот, ги претворивме сите Грци во Карабатиќи. 
Искрено, столбот на нашата одбрана, Велко Маркоски го сметаме за човек кој влегува на терен, ги фаќа за врат, ги удира од земја и ги дави противниците. Вчера, го имавме Брус Банер кој упорно одбива да се претвори во Хулк. Дефанзивците покрај него, место да имаат крв во очите, немаа крв ни во жилите.
Сите, освен Никола Митревски. Факт што треба да се одбележи е дека загубивме меч на кој голманот имаше 15 одбрани од кои два седмерци.
Немаше обид да видиме ни 5-1 , зона, ни некој поконкретен обид со излгеувања, фаули, подвижност или било што нивните две-три акции да се неутрализираат. Не проаѓа тоа, ниту против Грција. Со сета почит кон нив. 

НАПАД
Вратете го Филип Миркуловски. Сериозно размислува дали да продолжи во репрезентацијата и сега е време да  му се помогне да донесе одлука да игра на СП. Тој е алката што ги спојува нападот и одбраната и како податок што можеби не сте го знаеле, без него во тимот имаме само две победи. Против Украина дома и пред некој ден со Турција.
Во меѓувреме, сето ова пропуштено време, мора да се надополни за со сите сили, влијание и алатки на располагање, да се спреми играч што ќе го наследи. Затоа што  неговата прва алтернатива, Филип Кузмановски не оди во нагорна туку во надолна линија. Овие два натпревара ни дадоа многу јасна слика за тоа. Слушнавме многу мислења дека е грешка неговата одлука да отиде во Еурофарм каде што нема квалитетни противници. Не се согласуваме (во целост). Не е толку битно каде игра доколку сериозно тргне по патот на професионалците што во јуни треба да го однесе до - Магдебург, екипата што во моментов игра најубав ракомет.
Тој ни е првата опција, но евидентно е дека мора да се работи и на втора и трета. Дали Крстевски, Чурлевски, Танкоски или Дрогришки некој петти, или сите заедно...Очекуваме многу поконкретен и посерозен пристап и од нив и кон нив. Едноставното сместување на поширок список, не врши никаква работа. Исто како што не врши работа ни тресење на мрежи во Велес, Радовиш, Прилеп... треба нешто повеќе. 


Вообичаено е по ваков пораз и критики, да се јави и најсилниот (не)аргумент кој отприлика изгледа вака:
„До вчера ви чинеа, а сега плукате, плукајте...
Да ни беше таква намерата сосема поинаку ќе изгледаше и овој текст. 
Овие квалификации ќе ги пројдеме. На мускули очигледно. Па, следното би било по првиот следен успех, да се враќаме на овие и слични редови што деновиве ќе ги има насекаде во стилот:
„Тогаш не верувавте, сега докажавме... 
И тоа е обична флоскула, ако требаше играчи што имаат триесет и кусур години од кои пола се со репрезентативен стаж, плус селектор со европска шампионска титула било што да (ни) докажуваат... одново, овој текст ќе изгледаше поинаку. 

Нивниот квалитет го знаеме. Единственото што сакаме да ни докажат е дека можат, да го променат пристапот. И селекторот и играчите. СП и новиот квалификациски циклус за ОИ е за два месеца. За жал се почесто покрај головите како бројка ги споменуваме и годините на капитенот. Иднината ни е некаде таму, од 20 место па нагоре на поширокиот список, а најдобрите играат најлошо во последниве години. 


Фото: Петр Стојановски/sportmedia.mk


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk