МЕТАЛУРГ - ТАТРАН ПРЕШОВ 24-29 (12-13)
Стрелци за Металург: Јагањац 5, Серафимов 5, Танкоски 5, Токиќ 3, Велковски 1, Арсеновски 1, Димитриоски 1, Лазаревски 1, Миличевиќ 2
Металург ќе чека некоја подобра шанса за прва победа сезонава. Татран Прешов игра во одлична форма од почетокот на сезоната и во СЕХА и во ЛШ и денеска ги однесе бодовите од Скопје, нанесувајќи му го на Металург третиот пораз во ЛШ сезонава.
Стартот не ветуваше ништо добро, затоа што по шест минути Татран Прешов водеше со 4-0. Потоа следеше дел од натпреварот во кој беше задоволство да се гледа Металург. Игра крунисана со резултат и серија од 5-0, за водство на македонскиот тим во 12 минута.
Серијата на Металург ја запре Оливер Рабек со гол за 5-5, по што натпреварот влезе во ритам гол за гол во кој до крајот на полувремето Металург на двапати имаше водство, но на одмор се замина со предност од 13-12 за тимот од Словачка.
На почетокот на вториот дел, Јагањац израмни, Танкоски донесе минимално водство (14-13), но Буторац и Рабек не дозволија ова да се претвори во серија, па одново натпреварот го доби препознатливиот ритам.
Не минаа десетина минути, а Металург бркаше негатива од два гола. (15-17, 16-18)...
Јануш Лапајне, играчот што своевремено дојде од ПСЖ во Металург, а оттука беше ослободен од обврски и премина во Татран во овој период се истакна и со два гола ја одржуваше разликата на гостите.
Натпреварот одново стана игра на нерви и прашање беше кој прв ќе погреши. За жал тоа беше Јагањац кој во 43 минута не реализираше, а уште еден екс играч на ПСЖ - Титуан, постигна гол за 22-19 и прво водство од три гола разлика за Словаците во вториот дел.
Веднаш потоа и Танкоски не успеа, по што Томас Чип зголеми на 23-19 и во 45.минута Данило Брестовац мораше да бара тајм аут.
Но Металург влезе во серија на промашувања. На Јагањац и Танкоски им се приклучија и Токиќ и Миличевиќ, па Татран поведе со 25-19 и по 50 минути битка ја доби војната со Металург.
Конечниот резултат е добиен по десетминутната рутина во финишот, 24-29.