Младинскиот потенцијал и генерацијата зад нив

Македонските кадети вчера беа поразени од Белорусија и денеска со натпревар за трето место, со Швајцарија ќе го завршат својот настап на ЕХФ Шампионатот во Грузија.  Во финалето ќе играат Италија и Белорусија. 
Паралелно со овој турнир се игра и ЕХФ Шампионат во Австрија, каде што во финалето ќе играат Австрија и Чешка, а во Хрватска се игра ЕХФ Еуро, каде за злато ќе се борат Шведска и Исланд, додека Данска и Хрватска ќе играат за бронзен медал. Полска и Романија го загубија својот статус на ЕХФ Еуро учесници. 

РФМ има многу нерешени работи со ЕХФ и таа нивна акција е во тек. Погодувате зборуваме за „под маса“ донесено решение за квалификацискиот циклус од ЕХФ Шампионатите до 20 и 18 години. 
РФМ ќе ја решава таа ситуација, а без разлика на исходот, пред македонскиот младински ракомет сега се доаѓаат неколку ситуации што ќе бараат решение. 

Кадетите следната сезона се домаќини на СП и ќе имаат шанса да се покажат, докажат и да бркаат резултат пред домашна публика. Не е завршена приказната за Костески, Серафимов, Симоноски, Џигероски, Каковски, Кизиќ... напротив, нивната допрва почнува. 

Екипата што го освои ЕХФ Шампионатот во Скопје сега е во вакуум просторот, во можеби најризичниот период во кој ќе треба да направат премин од јуниорски во сениорски репрезентативци и пред да избледат сосема сцените од скопскиот турнир да си обезбедат минутажа во своите клубови. Веруваме дека и за клубовите тоа е добра инвестиција, многу подобра отколку ноесење странски играчи, плаќање лиценца за нив и нивно користење како (краткорочно) решение во битката за резултати на домашната сцена. Повеќе би сакале да видиме како нашите кллубови се борат за потпис на домашен талнтиран играч, спремни да му веруваат и да вложат труд и знаење во него, без разлика што тоа е потешкиот пат. 

Настапот на кадетите на ЕХФ Шампионатот, ќе ви откриеме, привлече голема заинтересираност и на македонската јавност, што еве ние на пример, можеме да го мериме со читаност која е значително поголема кога се работи за нив во однос на другите тековни настани. Истото ни го потврдија и колеги од други спортско-ракометни медиуми. Тоа значи дека на нашата јавност и се посебно мили „децата“ што излегуваат од нашите клубови. 

Ова не води до заклучок дека е дојден моментот што треба да се искористи. Генерацијата 2000, рековме ќе биде домаќин на СП и ќе имаат најмалку уште една шанса на меѓународна сцена. Генерацијата 1998, заедно со репрезентативниот капацитет од 1996 и постари, се надеваме дека ќе го дочека моментот „Б“ репрезентација што ќе им го олесни преминот кон А-тимот. 

Но, ако навистина сакаме да направиме чекор напред, тогаш приоритет треба да биде репрезентацијата од генерацијата 2002. Тука уште не е направена онаа голема селекција од 30-40 играчи што ќе биде како прва база. 
Слушаме дека имаме голем потенцијал и во таа генерација. КЛ7 на пример кој веќе има три кадетски репрезентативци има од таа генерација два метра висок лев бек за кого се зборува дека е исклучително талентиран и уште најмалку еден пивот со слични предиспозиции. ЦЕМС во кој годинава преминуваат играчите на Аеродром може слободно да се пофали дека во своите редови има 16-годишен пивот висок 2.05 метри и уште неколку играчи со (голем) потенцијал, Во школата Алушовски има двајца браќа од генерација 2003 за кои се верува дека се големи таленти... Ова е само дел од тоа што слушнавме откако само површно се распрашавме со што располагаат овие клубови, што намерно ги издвоивме затоа што уште не се ни влезени во вистински систем на натпреварување. На приказнава требда се додадат Металург, Вардар и сите други центри што работат со млади играчи. 

За овие играчи треба да се изготви стратегија, првенствено треба да се селектираат, да ги имаме сите на увид, да бараме од клубовите да им даваат шанса да играат, да ги видиме во систем на натпреварување, на турнир на нивна генерација најубаво во Македонија каде ќе играат и меѓусебе, но и во секоја шанса што ќе може да се пружи барем во соседството... 


 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk