Деби на ЕХФ Шампионат за Начевски и Божиновски

Македонската судиска двојка Виктор Начевски и Даниело Божиновски ЕХФ значката ја доби кон крајот на април годинава откако успешно ги положи сите тестови на турнир во Норвешка. Со тоа се здоби со право да суди меѓународни натпревари. 

Дебито на меѓунардоната сцена ќе го има викендов во Австрија. Во градот Тулн се игра ЕХФ Шампионат до 18 години, а Виктор Начевски и Даниело Божиновски се номинирани за овој турнир. Засега не е познато на кои натпревари ќе ја делат правдата, иако секој ден ќе бидат на теренот, затоа што дневно ќе се играат шест натпревари, а на турнирот ќе бидат испратени шест судиски двојки. 

Во Австрија во рамките на ЕХФ Шампионатот настапуваат репрезентациите на Чешка, Турција, Црна Гора, Украина, В. Британија и Ирска (група А) Словачка, Австрија, Холандија, Летонија, Косово и Бугарија (група Б). 

Начевски - Божиновски се гаранција дека Македонија ќе има меѓународни судии на европската сцена и во иднина. Со години си го подотвораа патот кон ЕХФ дозволата, иако се млади судеа на многу натпревари од македонскиот шампионат, а познато е дека Македонија е една од земјите каде што е најтешко да се суди. Според тоа воопшто не се сомневаме дека во Тулн одлично ќе си ја завршат работата. Не би се изненадиле и да ги видиме како го судат финалето или мечот за трето место. 

 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk