Пишува: Ричи Ѓамовски
Македонските јуниори вчера ја освоија златната чинија од ЕХФ Шампионатот и на спортската јавност и сервираа моменти за уживање. Деновиве ќе бидат резервирани и тие да можат да уживаат во сатисфакцијата од постигнатиот резултат.
Во краткиот период што следи тоа ќе биде најактуелно и овој пат не сакаме да повториме грешка што ја повторуваме секогаш кога некој колектив ќе постигне резултат вреден да го задржи вниманието на јавноста. Грешката што секогаш се прави е што под налетот на лавината посети на веб страните, позитивните коментари и доброто расположение за придобивка за мак-ракометот (ќе) се сметаат златната чинија и убавите спомени.
Реалноста е дека наскоро пехарот ќе биде убав само за гледање, а спомените за пишување мемоари и украсување на CV. Од наш агол гледано, единствената вистинска придобивка од натпреварувањата во млади категории е создавањето на играчи. Прашањето е дали од овој тим имаме играч за А репрезентација. Ова веќе не се деца, ова се мажи со полни 20 години.
Во моментов не гледаме играч што веднаш ќе влезе во ростерот на селекторот. Потенцијал има и во Танкоски, Арсеновски, Димитриоски, Петровски, Јагуриновски... има во сите овие играчи. Сигурно ќе видиме неколку покани за поширок список, но тоа нема да биде суштинската промена. И тоа не води до прашањата што сакаме да ги поставиме.
Јуниорите го одиграа својот последен танц. За СП можеме само да се надеваме на вајлд карта. Но, не сме први во редот. Ако ИХФ реши да додели таква пропусница, таа ќе биде за Данска. И затоа што како 12-ти на ЕХФ Еуро се први на ред и како финалист на последното СП. Втора валјд карта можеби би завршила во наши раце како најдобропласирани на последното СП (по Данска). Но, прашање е дали ќе има една, а не пак две вајлд карти.
Што ќе биде сега со овие млади играчи?
Кога еуфоријата ќе спласне или ќе биде заменета со некоја нова сензација што ќе привлекува кликови, а сето ова ќе биде „вчера“, ќе треба да се подвлече нова линија. Прашањето за милион долари е што ќе биде со овие играчи? Дали ќе се смени клупската матрица низ која се размислува или ќе имаме нов момент?
Дали или зошто македонските клубови и натаму (ќе) се натпреваруваат кој каков странец ќе донесе, а не вложи труд за од овие играчи да ја добие нивната најдобра верзија?
Би го прашале и најуспешниот селектор на млади репрезентации Илија Темелковски зошто Дарио Петровски му беше петти- шести бек во Еурофарм? Зошто Пелистер има три странци за голмани? Зошто Вардар не му дал шанса на Марко Мишевски? Зошто слушаме дека во Македонија нема голман, а го имаме Матеј Петковски? Зошто Радовиш и Охрид купуваа(т) странци, а немаат ниту еден репрезентативец? Зошто Тинекс Пролет кој има само македонски играчи нема ниту еден младински репрезентативец? Зошто Прилеп и Борец кои ете играат со младински екипи немаат ниту еден младински репрезентативец?
Прв танц за кадетите
На оваа генерација јуниорски играчи, како и да тргнати нивните кариери од утре можеме да им кажеме благодарам, а најголемото благодарам треба да стигне од нивните колеги од генерацијата 2000.
Тие се наоѓаат пред својот прв танц, а ќе го имаат на ЕХФ Шампионат во Грузија. Во група сме со Швајцарија, Естонија, Литванија, Луксембург и Ф. Острови.
Во другата група се Белорусија, Италија, Финска, Грција и Грузија. Форматот е познат, една екипа ќе обезбеди ЕХФ ЕУРО.
Оваа генерација на македонски играчи што ќе ја предводи Мартин Серафимов, а во која од јуниорскиот тим ќе го препознаете и голманот Марко Кизиќ, заедно со дузина играчи кои искрено повеќе ги знаеме од слушање како Гајиќ, Каковски, Џигероски, Карапалески... добиваат шанса каква што никој немал. Ќе играат на ЕХФ Шампионат, следната година ќе бидат домаќини на Кадетско Светско првенство, а во 2020 како јуниори ќе играат на ЕХФ Еуро обезбедено вчера. Дали оттаму ќе фатат пат кон нов мундијал, од нив ќе зависи.
До следното СП има уште полна сезона. Треба да се направи обид, жртва или како сакате кажете го, но нешто за да не бидат со минутажа на лажичка во своите клубови или резерви на странци што се дојдени нешто набрзина да заработат пред да потпишат некаде на Запад.