Словенија и Франција по јуниорско злато

Во финалето на машкото ЕП до 20 години што се одржува во Целје, Словенија, ќе играат домашната Словенија и Франција. 

Вечерва Словенија го совлада чудото на ЕП, Португалија 27:25. Португалците имаат подобар тим, дури и вечерва во поле одиграа подобро, но познатата ракометна поговорка дека голманот е пола екипа, се покажа во најубаво издание. 

Марк Ферјан имаше дваесетина интервенции (41%) и ги одведе Словенците во финале. На спротивната страна, португалските голмани имаа 28% одбранети удари и тоа главно во небитни моменти. 
Сеедно, никој не може да го побие тоа што Португалците го одиграа досега, а уште отсега можеме да кажеме дека клубовите што ќе ги купат Луис Фраде (пивот), Андре Гомеш (лев бек/центар) или Диго Силва (десен бек), ќе направат дил каков што лани Металург направи со Халил Јагањац. 

Грег Оцвирк имаше одлична партија, иако целата слава од овој натпревар е за голманот Марк Ферјан. 

Франција, пак, доминираше 55 минути над Германија. Но, прерано се опушти и Германија од минус седум стигна до минус два. Французите веројатно се помирни од фактот што во финалето ќе играат со Словенија, затоа што Португалците се единствените што на шампионатов им отчитаа лекција, уште во првото коло. 

 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk