Да се бориме за СП со 32 екипи!

Пишува: Ричи Ѓамовски

Европската ракометна федерација (ЕХФ) го објави новиот формат за евро-квалификациите за СП важечки од мундијалот во 2021 година и најискрено тоа што го прочитав создаде чувство на нелагодност и загриженост за иднината на македонскиот репрезентативен ракомет кога се во прашање светските смотри.

Завршува ерата на комоција на која со една победа на ЕП или со еден нерешен резултат каков што беше случајот во Полска 2016 можевме да стигнеме до втората рунда на ЕП и оттаму со малку среќа ги добивавме Чешка, Грција, Романија како единствени препреки кон нов мундијал. 
Македонија ја има и на другата страна на паричката, кога цела декада од вториот шешир ги добивавме Исланд, Унгарија и Србија, па на мундијалите бевме гледачи. 

А покриена од очекувањата дека имаме тим за повисоки дострели на ЕП, главната цел на сите настапи на Македонија вушност беше да се мине првата рунда. Токму заради тој прв шешир и продолжување на континуитетот. Патем, тоа е и единствената цел што секогаш успевавме да ја оствариме. 

Проширувањето на ЕП на 24 екипи ни носи комоција кога се во прашање настапите на ЕП, но нус производ се евро-квалификациите за СП. Сега, битката за пласман на СП Египет односно место во првиот шешир, ЕХФ ни ја зачини со пласманот во квалификациите за ОИ. За таа цел треба пласман до седмо-осмо место на претстојното СП во Германија и Данска. 

Овој квалификациски систем е еднократен. Следното СП е во 2023, а во 2022 нема да има квалификации за ОИ за оттаму да се формира првиот шешир, па одново ќе мора да се менува. 

РФМ, заедно со уште дузина федерации кои се слични на нас според резултатите, а по име и презиме би ги споменале Србија, Словенија, Чешка, Унгарија, Русија, Белорусија, Австрија, Швајцарија, Словачка... треба да се обединат зад идејата на претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер изнесена на Конгресот во Даблин - СП да се прошири на 32 репрезентации. И таа идеја да се бутка со сите сите кон Базел за во 2023 година кога Полска и Шведска ќе бидат домаќини на сцената да има осум репрезентации повеќе. И тоа да биде издејствувано пред ИХФ да го потпише договорот со Полска и Шведска. 

Патот до Каиро ќе биде тежок, треба да се обезбеди и патот кон Варшава или Стокхолм да не биде таков. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk