Јагањац е најблиску до Загреб

Времето на пробните балони, новинарските „патки“ и испитување на пулсот е завршено. Екипите заинтересирани за услугите на бекот на Металург, Халил Јагањац, веќе десетина дена се конкретни и преговараат со Металург за потпис на хрватскиот бек. 

Ако се оди како што треба, а неофицијално фазата во која се водат преговорите е завршна, Халил Јагањац ќе стане финансиски најдобриот потег  што го одиграл Металург во својата историја. 

Металург лани го купи Халил Јагањац од ПСЖ за 40.000 евра. Тој одигра одлична сезона во Металург и сега е на излезна врата за сума што е повеќекратно повисока од таа за која дојде во Македонија. 

Сега, ППД Загреб е најблиску. Нивниот директор Божидар Јовиќ неколкупати најавуваше дека преговара за трансфер на Јагањац, но од  „Авткоманда“, демантираа дека се во преговори со Загреб. 
Потоа во приказната се приклучија и други екипи. Најконкретен меѓу нив - Фуксе Берлин. И пред, а и откако го добија Ваел Жалуз од Барселона на позајмица од една година не се повлекоа Германците.
Но, ППД Загреб кој до неодамна беше „последен“, сега е прв на листата на екипи каде што Јагањац би можел да се пресели. 

Епилогот го очекуваме брзо. За неколку дена, затоа што јуни веќе изминува и се потешко е да се најдат квалитетни играчи на пазарот. Треба да се има предвид и дека ако Јагањац замине, Металург ќе треба да најде соодветна замена за него. И јасно и на Металург условно кажано му се брза да заврши оваа приказна, за да може да продолжи понатаму па оттука и секое развлекување на преговорите нема да биде во полза на договорот, туку  ќе има спротивен ефект. 

фото: seha-liga.com

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk