ПРВ ПРЕГЛЕД ЗА СП: Добро за фановите, за Токио ќе се лее пот

Првите импресии од ждрепката за Светското првенство во Германија и Данска што ќе се одржи во јануари се позитивни. 
Најважното, а зборуваме од агол на навивач на Македонија е што нашата репрезентација нема да игра во Данска, туку во Германија. И тоа е еден многу важен момент што често останува во сенка на резултатските калкулации и математики. 
Минхен е многу, многу подобра комбинација од Копенхаген, за Хернинг не сакаме ни да зборуваме. И ова е од сите аспекти. Ќе привлече повеќе наши навивачи, посебно крилото на „фаланга“ ос Австрија, Швајцарија и Германија. А нив ги има секогаш многу на број кога игра Македонија. Данска ќе беше многу полоша варијанта. 

Од играчкиот дел. Прво што треба да се знае е дека е променет системот на играње. Три репрезентации од секоја група продолжуваат во главната фаза. Другите три, играат Президент Куп. Какви се шансите на Македонија? 
На крајот на денот, можеби се ќе се сведе на натпреварот со Исланд. Но, на СП ретко кога ваквите математики успеваа. 
Плитка анализа за екипите со кои ќе се соочиме. 

ЈАПОНИЈА. На СП доаѓа со вајлд карта што ја доби благодарение на домаќинството на Олимписките Игри. Реално, нема состав од кој Македонија треба да се плаши. Но, не потценувајте екипа што е домаќин на следни ОИ. Селектор им е Дагур Сигурдсон. За тие што не го знаат, тој е селекторот што со третата постава на Германија стана Европски шампион во 2014. 

БАХРЕИН. Тие се најдобрата азиска репрезентација. Сигурно ќе беа шампиони на Азија доколку Катар не дојдеше со 15 натурализирани играчи на турнирот во Кореја. Селектор им е Арон Кристијансон од Исланд. Пред него беше Гудмундур Гудмунсон, исто така од Исланд. Со оглед на тоа дека Гудмундсон е актуелен исландски селектор, овие две екипи ќе бидат во сојуз, ако им затреба. 

Арон Кристијансон е селекторот на Бахреин

ИСЛАНД. Факт е дека оваа репрезентација е во пад. Арон Палмарсон нема покрај себе толку врвни играчи за да го држи островот на нивото што го дрежеа Олафур Стефансон, Роберт Гунарсон, Сваварсон, се постариот Валур Сигурдсон... Се виде во квалификациите против Литванија и на претходните со Македонија и Украина... Но, ако можевме во Франција да ги имаме под контрола, да ги победиме во квалификациите... треба и сега. Исланд е билетот за главна рунда. 

ХРВАТСКА. Лино Червар и Хрватска... фаворити се, во тоа нема збор. Но и тие сега се обидуваат да се пронајдат одново. А со Лино Червар тој процес може да биде скап. Би било убаво да ги видиме поразени, мотиви нема да недостасуваат... но, да не летаме. Хрватска е фаворит.

ШПАНИЈА. Раул Гонзалез има кратка и ретко успешна блескава тренерска кариера. И на неа има една, не црна точка, туку цела флека. Тоа е дуелот со Шпанија на ЕП во Вараждин во јануари. Не дека ќе бараме од него победа над Шпанија, јасно ни е тука кој е фаворит, но ќе бараме отчет за поразот во Вараждин. Таков натпревар, веќе не сакаме да видиме. 

Подвлечено, победи над Исланд, Бахреин и Јапонија ни носат главна рунда. Таму вкрстуваме со Франција, Германија и ... Бразил, Србија... Со една победа би биле 9-10 место што е досегашниот максимум на СП. За квалификации за ОИ ќе ни требаат две победи. Хрватска, Германија... некоја таква ѕверка треба да падне за ова СП да биде историско. 

Или, пак, по катарскиот рецепт. Катар да отиде далеку, да стане азиски првак, европскиот шампион да помести некое место и како и пред четири години и деветтото место да носи во квалификации. 


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk