Чокрев: Металург Јуниор ќе стане база за развој на млади играчи

Првата лига ќе го сервира последниот натпреварувачки ден во Македонија, тоа ќе биде повеќе ревијален, славенички во Струга која обезбеди бараж, Бутел Скопје обезбеди пласман во Супер лига, додека темата на нашата денешна приказна, Металург Јуниор ќе заврши на позицијата број три. 

Претседател на Металург Јуниор е Ристо Чокрев, на ракометната јавност добро познат од дејствувањето од истата позиција во Металург, од славните деновите на Металург. Металург Јуниор е клубот од каде што потекнаа играчи како Дејан Мансков, Жарко Пешевски, Филип Талески... Потоа од оваа екипа се одвои Металург 2, а Јуниор сезонава се врати на сцената, како екипа од општината Кисела Вода. 

„Не очајуваме што не успеавме во првата сезона да обезбедиме пласман во Супер лигата. Не криеме, тоа беше нашата резултатска цел, но суштинската цел ни беше клубот да го поставиме на основа да го направиме добра средина“, вели Ристо Чокрев. 


Какво беше искуството играње во Прва лига?

„По долги години суперлигашки ракомет, играњето во Прва лига беше некое ново искуство. Морам да кажам дека сум разочаран од тоа како изгледа ова првенство. Првата лига, според мене треба да биде место каде што играчите ќе ги почнуваат кариерите, каде што ќе се работи со млади ракометари, но реалноста е поинаква. Насекаде гледавме ветерани, играчи во поодминати години кои заради подобар резултат се уште се активни. Една работа е да се има некое познато име што ќе им даде потстрек на помладите ќе ги води низ првенството и ќе купуваат искуство од него. Овде е сосема друга работа, овие играчи се користат само за резултат“. 


Квалитетот на првенството?

„Па тоа што ние како ново-формиран клуб бевме конкурентни за место во Супер лига доволно говори. Бутел Скопје, морам да ги пофалам направија добар тим и заслужено се во Супер лига. Струга исто така иако постои подолго време, дури сезонава со Мојсовски се издигна. Значи три сосема нови клуба, во првата сезона стигнаа до првите три места. Мислам дека ова е најдобриот одговор на прашањето за квалитетот на првенството. За тоа како се организирани и како функционираат, живеат или преживуваат клубовите, не би сакал коментирам“. 


Какви се сега плановите на Металург Јуниор?

„Нашиот план е поинаков и поврзан е со млади ракометари. Имаме добра соработка со општината Кисела Вода, ни овозможија услови, да имаме свој дом што е исклучително битно. Сега сакаме активно да помогнеме за развојот на спортот во оваа општина. Ќе почнеме соработка со училиштата во оваа општина, во перспектива да станеме суперлигаши, да ги привлечеме младите кон нас, да изградиме база од каде што ќе можат да напредуваат и да се развиваат. 
Интергирањето на младите играчи во нашиот клуб ќе биде приоритет. Ќе соработуваме и со ракометните школи, сакаме да привлечеме играчи од младинските, кадетските категории. Доаѓаат нови генерации на играчи на кои ќе им треба промоција, играчи што покажале дека се перспективни и треба да го направат следниот чекор во кариерата или да продолжат по патот по кој тргнале. Отворени сме за соработка со сите школи, академии и клубови што се заинтересирани за работа и соработа.,. “, вели Чокрев. 


Металург Јуниор ја преживеа најтешката сезона, првата, сега е на ред ова што го почнаа да добие продолжение. Определбата место да се купуваат готови производи да се се произведуваат нови е секако нешто што треба да биде поддржано за да може ракометот полека да почне да излегува од состојбата во која е заглавен подолго време. 

 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk