Шведска не и даде шанса на Македонија

МАКЕДОНИЈА - ШВЕДСКА   20:32 (7:16)

Македонската репрезентација го загуби квалификацискиот натпревар со Шведска и со тоа и теоретските шанси за пласман на ЕП.
Шведска важеше за фаворит, а нивниот селектор пред средбата изјави дека нема да ја потценуваат Македонија. И не ја потценија, почнаа со бековското трио Јамина Робертс плус двете ракометарки што ги паметиме од Ф4 Будимпешта – Изабел Гулден и Натали Хагман.

Но, не беше нивниот напад тој што пресуди, туку нашиот. Македонија грешеше во два од три напади, па Шведска брзо стигна до водство од 6:2, а оттаму им беше многу полесно да го трасираат патот кон нова убедлива победа.
На полувреме беше 16:7 за Шведска, резултат што Македонија можеше да го ублажи барем за три гола колку што изнесуваше минусот на шутеви од пенал.

За тоа каков беше пристапот на Швеѓанките на овој меч можеме само да издвоиме дека и кога водеа со девет гола во вториот дел, на терен им беше првата постава, а целата нивна екипа скокаше од клупата за секој гол или за секоја судиска одлука небаре се крши резултатот.

Шведска водеше со 21:12 по 40 минути игра и дури тогаш за прв пат поведоа со 10 гола разлика. Македонија по ова набрзина постигна два, уште побрзо прими два, одново постигна два и на 13 минути до крајот беше 17:24.
Три минути подоцна одново беше 10 разлика на семафорот (17:27). 

Во последните 10 минути, гостите го зголемија своето водство за конечните 12 разлика. 

Ако треба да судиме, барем за овој меч е лесно. Разликата во квалитет беше евидентна. Шведска оди на ЕП, Македонија тргнува по трновититот пат во потрага по некогашната слава. 
 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk