ПСЖ бронзен, Вардар на четврто место

ВАРДАР - ПСЖ 28:29 (15:14) - статистика

Фаворитите за шампионската титула, Вардар и ПСЖ, денеска беа предигра за големото финале во кое ќе се сретнат Нант и Монпеље. Ова доволно кажува за ударот врз егото што го добија двата фаворизирани тима, а на теренот се однесуваа во рамки на екипи што наводно не им е толку битно што ќе биде, сега, откако веќе не се во финале. 

Ова посебно се однесува за разгалените Французи кои од клупата ги води тренер со врвно реноме и карактер и одлуки што отворено ќе признаеме - не ги разбираме. Но, ти си знаат најдобро, а резултатите покажуваат дека Раул следната сезона ќе мора сериозно да се фати за работа за да воведе ред во најскапиот тим на светот. 

Раул мораше без Штербик и Абутовиќ, во последната третина и без „поцрвенетиот“ Македа, но ПСЖ го има жив и здрав Микел Хансен и веројатно ПСЖ е единствената средина во светот каде што тој е резерва. Публиката мораше цело полувреме да му скандира на споменатиот тренер кој за асистент го има Штафан Олсон, да го внесе во игра Даниел Нарсис. 
Среќа го внесе во вториот дел инаку „Air France“ европската кариера ќе ја завршеше како најскапиот преведувач во ракометна екипа. 
Микел Хансен ја немаше таа среќа, па новиот обид да стигне до првата шампионска титула ја заврши како најскапата резерва во ракометната историја. 

На теренот... акциите беа тие, стратегијата - таа... недостигаа вистинскиот жар и борба што го носат натпреварите што значат пехар, па и важни бодови. Барем во голем дел од мечот. 

Вардар беше подобар, Милиќ одлично го замени Штербик, Вардар имаше резултатска контрола 50 минути, но ПСЖ се врати во игра и тоа помалку иронично откако во игра место Сагосен влезе Даниел Нарсис. 

ПСЖ поведе со два гола на минута и пол до крајот, а по тајм аутот на Раул на Циндриќ му испадна топката и Франзуците влегоа со напад во последната минута. Го пропуштија тој напад, Вардар на 40 секунди до крајот беше во напад, Криштопанс погоди за 27:28.

Потоа имаше уште по еден гол на двете страни, за конечни 28:29 и бронзен медал за ПСЖ. 
 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk