Кренете глава и играјте!

Европа денеска ќе добие нов шампион, а Вардар кој цела година живееше во својот најубав сон, утре ќе се разбуди како трет или четврт тим во Европа. 
Нема да биде пријатно и секако нема да биде исто, но Келн е таков. Точно толку, само една година, трае магијата што се добива во „Ланксес Арена“. Го научија тоа пред Вардар и екипите на Кил, Флензбург, Судад Реал, Барселона и Келце. Некои успеваа да се вратат назад и да добијат у втор благослов, други ќе ја бараат својата шанса следната година. 

Следната сезона, играчите веројатно треба да се „помрднат“ од место, да ги прскаат со света вода или да им вперат крст или која било друга амајлија директно во лице на сите што ќе ги наречат фаворити. Можеби ЕХФ треба привремено да го забрани тој збор во Келн. За да можат посилните екипи да имаат реални шанси со послабите.  

Вардар годинава беше испратен во Келн да го брани пехарот и не можеме да избегаме од впечатокот дека околу македонскиот тим се напумпа атмосфера дека тоа е малтене завршена работа. Ние и никој друг. Се искриви реалната слика, се заборави на „проклетството“ на шампионите и се потценија барем во широката народна маса противниците. Посебно затоа што меѓу нив немаше имиња кои влеваат стравопочит како Барселона, Веспрем, Кил, Келце, а ПСЖ беше резервиран за финалето.

И сега после откако тој „балон“се распрсна, треба да се најде мотив да се одигра токму против тој ПСЖ, но како предигра за големото финале во кое силите ќе ги одмерат отпишаните Нант и Монпеље, а еден од нив ќе стане новиот Вардар. 

Реално, за македонскиот клупски ракомет до лани и самиот пласман на „Ф4“ беше голем успех. И сега е. Иако е тешко на работите да се гледа од таа перспектива. За разлика од ПСЖ кој и следната сезона ќе биде фаворит за Ф4, Вардар веројатно го игра својот последен танц во Келн. 

Затоа не е сеедно како денеска ќе заврши пресметката со ПСЖ. Нема да му е сеедно на ниту еден навивач на Вардар. Без разлика дали го отповарил својот буџет за да гостува во скапиот Келн и од дома ќе стиска палци за секој шут на Циндриќ и Борозан, за секоја парада на Штербик, за секој дуел на Стоилов на линијата. 

Овој Вардар им должи на сите свои навивачи годинава уште една голема битка. Сега веќе не е толку важно дали ќе биде добиена или не, важно е да има битка достојна за европскиот шампион. Затоа што Вардар ќе биде европски шампион и кога денеска ќе истрча на терен со ПСЖ. 
Затоа, главата горе и играјте. За сите. 


фото: Денис Дуковски/ www.rkvardar.mk

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk