Без Арпад Штербик, не е исто

Сто пати кажано, сто и првиот се потврди. Арпад Штербик е тој што прави клучна разлика на теренот. Воопшто немаме намера да ја намалиме вредноста и придонесот на секој индивидуалец, колетивот и тренерот Раул во целата оваа приказна, но тоа „мало“ а големо што ја прави сета разлика, има име и презиме и се вика Арпад Штербик.
Во секоја победа на Вардар, без разлика дали мечот бил решен лесно како со РНЛ во Скопје или тешко и со многу среќа какво што беше гостувањето во Кил, печатот на голманот наречен човек-ѕвер-легенда е тој што ја заверуваше капитулацијата на противникот. 

Вечерва, Вардар го немаше Штербик. Повреда, дупки во одбрана, добра игра на противникот... се може да се собере во една кошница, епилогот е познат. Замислете ја само оваа средба со 15 одбрани на „војводата“. 

Милиќ не беше лош, беше барем тука некаде на нивото на Жерар од спротивната страна. Но, Вардар го немаше „тоа“ што вообичаено ја прави разликата. 
Воедно, имавме можност и да видиме претпремиерно како и следната сезона ќе изгледа одбраната, која дополнително ќе биде ослабена и со заминувањата на Македа, Абутовиќ, Кањељас. 
Средбата денеска не ја решаваа голманите, или со други зборови ја решаваа, ама не на начин на кој сме навикнале да гледаме. 

Монпеље покажа дека е врвен тим. Вардар точно знаеше што ќе играат. Така изјавија по мечот „вардарците“, но имаше премногу комбинации кај нив. Другата страна на таа паричка е што и Монпеље очигледно знаеше што ќе игра Вардар. 

Играта на Вардар во напад беше на некој начин неутрализирана, крилата не добиваа топки, немаше ширина, па дури и во еден момент кога индивидуалниот квалитет можеше да донесе пресврт, одбраната не издржа. 

Знаеше и да игра против и да се брани со 5:1 одбрана, што во последните две сезони беше своевиден ексклузивитет на Вардар. 
Иако сме го гледале и порано Монпеље, сепак, одново успева да не импресионира со играта со трите леваци, динамиката, трансформацијата. Имајте на ум дека Мелвин Ричардсон има само 21 година, Лудовик Фабрегас само 22. 

Вардар имаше неверојатна авантура последниве две сезони. Кога ќе се стиша целата неприродно напумпана атмосфера, ќе можат да се согледаат и вистинските вредности и придобивки од учеството на овој Ф4, па макар бил и без шампионска титула. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk