Вардар не успеа, Монпеље е во финале!

МОНПЕЉЕ - ВАРДАР   28:27 (14:11) - статистика

Проклетството на шампионите продолжува. Ниту Вардар нема да ја брани титулата во Келн. Во полуфиналето, на натпревар на кој се надмудруваа двајца врвни стратези, подобар излезе Патрис Канаје. 
Вардар не играше доволно добро за да го совлада Монпеље кој беше вистински добар. 

Монпеље почна со одбрана 5:1, Вардар со Криштопанс во напад и (логично) висок пивот, во случајот Рожерио, кој беше позициониран меѓу дефанзивците на Монпеље на позициите 5 и 6 блиску до Криштопанс. Тоа беше почетното отворање и оттука почнуваа сите надмудрувања меѓу нападот на Вардар и одбраната на Монпеље. Барем во првите 15 минути и првата ротација. 

На спротивната страна, одбраната на Вардар која исто така беше 5:1, тешко излегуваше на крај со брзите и креативни Французи. Покажаа дека знаат како да напаѓаат ваква зона, наоѓаа дупки и лево и десно  и го контролираа резултатот. До таа мерка што и Штербик беше немоќен, па Раул го замени со Милиќ по 21 минута.
Монпеље водеше со гол до два разлика, (4:2, 5:4) со тоа што и Вардар во еден момент  имаше гол предност (7:6), но веднаш се вратија Французите со головите на Гигу и Порт и поведоа со 9:7.

Раул увиде дека нема да оди со овој стил против нивната 5:1, па излегоа од игра Криштопанс и Борозан,  влегоа Карачиќ и Македа, а Марсениќ го замени Рожерио. На ова Монпеље одговори со 6:0 одбрана.
Монпеље поведе со 12:10, но остана со 4 играчи во поле цели 2 минути, што ги измени акциите на теренот. Но, Вардар само 1 гол анулираше додека се комплетираа Французите.  

На полувреме се замина со резултат 14:11 со тоа што Вардар напаѓаше при 11:13, но не реализираше, па од контра-напад со гол од 12 метри Порт зголеми на највисоките во првиот дел 14:11.

Во вториот дел, индивидуално тргна Вардар преку Циндриќ и Борозан од дистанца и тоа го врати на минус од еден гол, а голем проблем стана што Штербик побара измена и се пресели на клупата.
Резултатот неколку, поточно 5  минути стоеше заглавен на 18:20, Милиќ му даде шанса на Вардар да се врати, згора имаа и играч повеќе. Монпеље влезе во серија на промашувања што го држеа Вардар рамноправен до конечно 19:20 преку Македа.

Се разиграа во последните 10 минити двата тима. Вардар доаѓаше на минус еден преку Македа и Циндриќ, Монпеље се држеше на плус два преку Мелвин Ричардсон.
На шест минути до крајот Вардар остана со играч помалку, Циндриќ беше исклучен заради контакт со колено со Тручановичиус. Монпеље изнуди седмерец и Гигу погоди за 25:23 по што Раул побара тајм аут.

Стоилов за прв пат во вториот дел израмни на 27:27 на минута и пол до крајот и со тој резултат се влезе во последната минута со тоа што напаѓаше Монпеље.
Симоне погоди на 19 секунди до крајот. Потоа во последниот напад за Вардар шутираше Борозан, промаши и Вардар утре ќе игра за трето место со ПСЖ.

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk