АНАЛИЗА: Запознајте го Монпеље

Дојде денот кога одново во Келн ќе гледаме македонска екипа. По ланската рапсодија на Вардар, сега одново, со видоизменета улога Вардар ќе истрча на терен на полуфинална пресметка со еден од трите француски претставника - Монпеље. Ќе се обидеме да ви го претставиме противникот на Вардар од малку поинаков агол.

Монпеље е единствениот француски клуб што ја освоил Лигата на шампионите (2003), патем во својата колекција има 14 шампионски титули од домашното првенство, 12 пати го освоил Купот на Франција, 10 пати Лига Купот на Франција. Ова се бројки што деновиве можевте да ги видите на многу места, статистиката е лесно достапна.

Заборавете ги на момент милионите на ПСЖ, „изненадувачкиот“ подем на Нант и С. Рафаел, два клуба што се издвоија во последниве  неколку сезони откако составија силни екипи и ќе ја добиете реалната слика за ракометот во Франција. А на таа слика два-три клуба отскокнуваат со својот воспоставен систем и начин на работа. Тоа се на прво место Монпеље, потоа Шамбери и недалеку зад нив каска екипата на Данкерк. 

Монпеље е екипа што важи за најдобра школа за ракомет во Франција. И тоа убедливо најдобра. А да си број еден во земјата што доминира на ракометната сцена како никоја досега, е тешко да се достигне, па дури и како комплимент звучи застрашувачки.
Нека не ве чуди што нивниот тренер, Патрис Канаје е на клупата 24 години. Тој не е таму само затоа што е добар тренер, тој е таму затоа што е дел од системот што се гради со децении. Тие се главната фабрика за производство на играчи, имаат и врвен скаутинг, па во својот двор носат играчи од цела Франција готови и полуготови производи што потоа ги моделираат по свое.
И нивниот систем на воспоставени вредности им е светост и никој не е над него, па во еден момент без „око да им трепне“ им ја покажаа излезната врата и на браќата Карабатиќ и уште неколку врвни играчи кога изби скандалот со обложувањето. Тешко дека ќе најдете друга екипа што би го сторила истото. Дури и најголемиот меѓу најголемите, Барселона, немаше проблем по ова да го „прибере“ Карабатиќ и со него да освои титула во ЛШ. 

На голот го имаат новиот Омејер, односно Винсен Жерар, голманот што на последното СП им го донесе златото на Французите. Секој може да има лош ден, а алтернатива за Жерар е Никола Портнер. 
На лево крило ги имаат легендарниот Мишел Гигу и еден од најнепријатните играчи, брзиот Арнo Бинго. 
На позиција лев бек по повредата на Матју Гребил, останаа 203 см високиот Јонас Тручановичиус и Баптис Бонфон. 
На позиција централен бек е играчот во чија игра навистина би уживале доколку не играше против Вардар. Диего Симоне, Аргентинец кого често го викаат ракометниот Меси. Има зошто. Со виртуозноста и луцидноста што ја има веројатно ќе ја бркаше славата на Ивано Балиќ доколку кариерата не му беше испресецкана со повреди. 
Десно крило откако клубот го суспендираше Ајмен Тоуми од Тунис поради обложување е 18 годишниот Тео Милер, но нека не ве лаже покриеноста на оваа позиција, затоа што десната страна е таа што го прави Монпеље единствен и тежок за играње. 
На позиција десен бек ги имаат три врвни леваци. Вид Кавтичник, Алан Порт и Мелвин Ричардсон. Кавтичник и Порт голем дел од кариерата ги играа како десни крила, а и двајцата можат да играат центри. Ричардсон исто така може да игра централен бек. И кога тоа се случува, левак да имаат на центар, целата игра се движи од десно кон лево што е спротивност од тоа што го играат речиси сите екипи во Европа и веруваме дека ако прашате кој било ракометар што имал шанса да игра против ваков напад ќе ви потврди дека е непријантно искуство.

Во одбрана се многу слични на Вардар. Имаат и 6:0 и 5:1. И што е различно од на пример германските екипи, овие знаат и да нападнат 5:1 зона. Можат да го исфрлат Симоне напред во одбрана или Бинго или пак Ричардсон. Тоа им два три различни комбинаторики против офанзивците и можности за транформација што кај нив е едно силно оружје. 

Раул и Канаје се пред тешка шаховска партија. Двата тима имаат многу комбинации. За да ви доловиме со што се занимаваат тренерите последниве денови, без да мудруваме ќе ви нафрлиме само дека ако Канаје се обид да го нападне Криштопанс со понискиот и побрзиот Диего Симоне, тогаш Раул би требало да го има високиот Марсениќ на линија. Ако пак игра Стоилов, тогаш нападот би требало да оди преку...  Реално, не ја знаеме тактиката што ќе ја постави Раул и неблагодарно е да предвидуваме што и да е, не ги знаеме оние детали од клупа и соблекувална.
Тоа што го знаеме е дека двата тим се во суштина многу слични. И двајцата тренери имаат играчи со квалитет што им дава широка лепеза на комбинации и во одбрана и во напад. Вимавајте на овие ротации, тактичката битка ќе биде вистинското уживање во овој натпревар. 

Вардар е фаворит и очекуваме да победи. Главната предност на Вардар е што имаше време да се подготви за Монпеље. Речиси еден месец да мисли само и само на Монпеље како што изјави Раул. Домашното првенство му го даде тој луксуз, за разлика од Канаје кој за спремање за Вардар имаше само три дена. Поразот од Ст. Рафаел и загубената титула дома, сигурно деструктивно (ќе) влијае врз моралот и самодовербата на тимот. И тоа е уште едно камче ставено на вагата, на страната на Вардар. 

Најреално е да очекуваме тежок натпревар. Иако, на вакви средби само неколку минути лош период можат да го направат мечот резултатски неинтересен. Може да се тоа и воведните пет минути, можеби некој период во кој било дел од натпреварот. Голманите се тие кои вообичаено решаваат. Ако е Штербик на висина, Вардар  со системот што го има поставено Раул, тешко дека некој би можел да го совлада. Ако се игра тесно, гол за гол, пак предноста е на страната на Вардар, затоа што има подолга клупа и цели две постави на исто ниво. 

Монпеље е силен, го докажа тоа против Барселона и Флензбург, но денеска ако Вардар е на ниво, тогаш нивните шанси не се големи. 

 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk