Бајрамоска го игра последниот меч

Натпреварите на македонската репрезентација со Шведска и Србија во рамките на квалификациите за ЕП 2018 ќе бидат последните натпревари во кариерата на Мирјета Бајрамоска.

На возраст од 33 години 18 години минати на терен од кои две во матичниот Пелистер и 16 години од моментот кога за Кометал Ѓ. Петров дебитираше во Европа, Бајрамоска се простува со активното играње.
Во кариерата покрај споменатите Пелистер и Кометал Ѓ. Петров, играше и за сестринскиот Еуростандард, помеѓу мина една сезона во грчката  Елпидес Драма, за во 2009 да потпише за Металург и уште веднаш во првата сезона со 69 постигнати гола беше најдобриот стрелец на Челинџ Куп.



Откако заврши ангажманот во Металург замина за Словенија, каде што во Крим комплетираше 4 сезони, пред есеноска да се врати во Македонија, но овој пат во редовите на Вардар.

„Ќе одиграм уште два натпревари и потоа завршувам со активно играње. Чест ми е што кариерата ќе ја завршам во дресот на репрезентацијата.  Одиграв 18 сезони и би сакала да им кажам големо благодарам на сите што беа дел од мојата кариера и што ми беа поддршка и инспирација во овие 18 години. Сега дојде моментот да се збогувам со ракометниот  терен. Одлуката не е лесна, не бев само јас дел од ракометот, туку и ракометот стана дел од мене. Но, се има свој крај, а мојата кариера ќе заврши во Ниш, на натпреварот со Србија“, изјави Мирјета Бајрамоска.



Бајрамоска одигра значајна улога во зачувувањето на квалитетот на македонскиот женски ракомет, како еден од лидерите на генерацијата на македонски ракометарки своевремено селектирана од Кометал Ѓ. Петров, преку сестринскиот Еуростандард, а по нивниот распад, поддржани од Металург, заедно со Елена и Душица Георгиевски, Билјана Црвенкоска, Наташа Коцевска и уште цела екипа на ракометарки што сигурно би ги препознале, а кои една по една ги завршија кариерите.
Од целата таа генерација на играчи уште малку остануваат на теренот. Ленче Илкова и сестрите Георгиевски се последните птици од тоа јато што се уште „летаат“ по ракометните терени.
 
 
 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk