ГРЕГОР ЛИСЕЦ: Mенталитет, добар систем и врвна школа


 Грегор Лисец е словенечки новинар кој во моментов работи во „Екипа24“.   Новинарската кариера ја почна во весникот „Дело“ каде што работеше до 2015 година
 
 
Словенија од финансиски причини во иднина можеби нема да биде дел од европската клупска елита. Но, во својата школа уште долго ќе произведува врвни ракометари.
Словенечката лига некогаш беше трета најсилна во Европа, во некои моменти можеби и втора. Беше логично, во големата и силна конкуренција на сите нивоа, од кадетски до сениорски да се создаваат нови играчи како што е на пример во Германија и Франција кои владеат со модерниот ракомет.

Словенечкиот клупски ракомет денеска е далеку под нивото на својата некогашна моќ, но на сончевата страна на Алпите се уште како печурки по дожд никнуваат нови играчи за една од топ 10 репрезентациите во светот.
Доаѓаат нови Зарабеци, Јанци, Макуци... Како?  Е, тоа е прашање на кое нема едноставен одговор.

Има доста фактори, но основниот, најважниот е сигурно одличната ракометна школа со добри искусни тренерски стручњаци во многу клубови. Не е тука само Целје со Бранко Тамше кому се чуди цела Европа како успева да произведе толкав број  на играчи со екстра класа. Тука се и Шкофја Лока каде што Јани Клеменчич и друштво ги изделкаа Доленец, Габер, Цингесар, тука е Требње каде пораснаа Зарабец, браќата Скубе, Ферлин и други.
Потоа Оромож го направи Безјак, Копер го направи Бомбач, Рибница може да се пофали со Хенигман и Гребенц.
Во Ново Место, Славко Ивезиќ пред неколку години практично од нула постави систем што ја доведе Крка на врвот кога зборуваме за резултати на сите јуниорски категории вкупно.
Па овде ќе се пронајде некоја мала Севница и ќе го лансира Блаж Јанц, па некој мал Јадран од Хрпељ каде што го научиле Макуц како се игра ракомет или Изола каде што со овој спорт го запознале Мачковшек. Кога зборуваме за Севница, Јадран или Изола, зборуваме за второ-третолигаши.

Во такво опкружување, играчите доаѓаат до одредено ниво, но во некој момент на едни порано, на други подоцна им е потребна отскочна даска кон Европско ниво. Тоа во Словенија се Велење и посебно Целје. И двата клуба во меѓувреме си прават свои играчи.

Во последните години кога од финансиски причини прво во Целје, а потоа и во Велење, конечно решија да произведуваат свои играчи, затоа што веќе не можат да купат, почнаа да ги носат од цела Словенија најталентираните играчи веднаш штом завршат основна школа. Значи, како 15 годишни, некои од нив и помали.
Во Целје каде што во моментов има десетина такви играчи, трендот веќе им се исплатеше. На тој начин ги избрусија Блаж Јанц и Борут Мачковшек, сега Тамше ќе го бруси Макуц, утре некој четврт, задутре некој петти... 
Како тоа функционира?
На некој 15-годишен Јанц или Макуц или... клубот веднаш му обезбедува стан или го праќа во студентски дом. Тренира по два пати на ден, а клубот соработува со школата затоа што овие играчи имаат многу отсуства, патуваат многу. Некои можеби и им даваат програми за тренинг на професорите по физичко.  Играчот учи и тренира паралелно, а тренерите го брусат до моментот кога за големи пари ќе замине некаде во Европа.

Во целава приказна околу создавање на врвни играчи во Словенија мораме да ја споменеме и работата на Ракометниот сојуз на Словенија и на крајот и на селекторот. Сојузот има добар систем за работа со млади играчи и во една година вршат работа за околу 400 дена активност, кога се ќе се собере.

И потоа го имаме Вујо, кој на на сметка на некои големи имиња ги става овие клинци на големата сцена. Така на пример во пензија ги испрати Гајиќ, Зорман, Шкоф, на некој начин ги отсече браќата Скубе, Бомбач, Жвижеј... И направи место за новите. Направи место за Кастелич,, Хенигман, Жабиќ, Сухолежник, Поточник, Шоштариќ, Кодрин, Влах, Малус, Оклешчан, Кавчич... Кај него во почетокот на неговата ера дебитираа и Зарабец, Јанц и Потеко.

Којзнае дали Хенигман, еден од ретките наши бисери кој не играл за Целје или Горење ќе потпишеше за Пик Сегед  доколу Вујо пред две години на изненадување на сите не го повика во репрезентацијата.
Многу работи мора да се склопат за да се стане полигон за создавање на играчи. Тука е и Лигата во која младите добиваат многу шанса да играат и да преземаат одговорност.

Има многу фактори, а на еден неодмана ме потсети еден почитуван тренер од овие простори кој работел и во Словенија, во Србија, Македонија и на многу други места.

„Словенците по карактер се вредни и работливи. Тоа го имаме во крвта. Со Словенци е едноставно да се работи“.

Па којзнае, можеби токму ова е тајната состојка на оваа тешко разбирлива формула.
 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk