ЧСМ Букурешт со години е во сенка на главниот градски ривал, Динамо Букурешт, па за следната сезона се реши да удри под појасот за да ја добие битката.
ЧСМ денеска објави дека потпишал договор со двајцата веројатно најдобри странски бекови во Лигата, Иранците Сајад и Алахкарам Естеки.Тие се откритие и најдобри играчи на Динамо Букурешт кој патем е пола иранска репрезентација (четири Иранци имаат во тимот).
Со овој потег ЧСМ не само што се засили, туку и значително го ослабе директниот ривал, посебно за Сајар Естеки, веројатно најдобриот играч во романското првенство.
Следната сезона кога нема да може да се (до)купуваат странци поради новите правила што ги воведе Романија, овој потег може да биде клучен.
А, можеби се работи за обичен трик и договор на романските клубови да го изиграат новиот систем што го воведе нивната федерација, а што не е по волја на клубовите. Постоеше иницијатива меѓу клубовите да се прават „вакви“ договори, по што би следела позајмица на играчите и сл... Ќе покаже времето за што точно се работи.
Инаку, неврзано за ова, податок што веројатно не го знаете е дека Сајед Естеки и Алахкарам Естеки на времето како опција му беа понудени на Зомимак, подоцна Макс Струмица. Но, тогаш струмичани сериозно не загризаа за можноста да преговараат со нив, па Иранците нешто подоцна заминаа за Романија.