Трите Французи и Вардар се гостите на Ф4 турнирот што кон крајот на месецот ќе се одржи во Келн. ПСЖ по втор пат го совлада Келце, Нант одигра нерешено со Скјерн, а Монпеље во моментот кога го пишувавме текстот, значи на осум минути до крајот му држеше лекција по ракомет на Флензбург и водеше девет гола разлика.
Како обично бива, во вторник Вардар ќе дознае против кого почнува во Келн, а на прес конференцијата Дибиров беше запрашан кого би посакал.
„Јас би прво да се напијам едно пиво, да прославиме за победата и пласманот на Ф4 во Келн. Потоа ќе размислуваме за противниците. Кој и да биде нема да биде лесен противник. За да играш на Ф4 мораш да имаш квалитет и да го докажеш тоа низ целата година. Затоа, за противниците ќе размислуваме отпосле“, изјави Дибиров.