Целата сезона, прва во историјата во која Вардар беше ословуван како европски шампион, денеска се сведува на 60 минутна пресметка со Кил од Германија, најпознатиот ракометен бренд во светот.
Вардар е во одлична позиција дури и со нерешен резултат би минал во полуфиналето, но треба да бидема на чисто дека Кил во Скопје не доаѓа за нерешено.
Двата ривала имаат само зборови со почит едни за други. Раул изјави дека Кил има потенцијал да победи во Скопје, Гисласон дека ќе играат против најсилната одбрана, но дека нема да се предадат.
И мораме да признаеме дека чудно звучат изјавите на Германците. Вака кога ги изговараат од улога на аутсајдери. Навинкати сме да ги слушаме да коментираат од поинаква позиција. Но, настрана тоа.
Од тоа што го видовме од првиот натпревар, Кил е опасна екипа што знае да игра ракомет. И во право е Раул кога е внимателен со изјавите. Најголемата слабост на Кил, не е нити отсуството на Рене Тофт Хансен, ниту на Дамке, ниту пак на свежоповредениот Вајнхолд.
Нивната најголема слабост седи на клупата и се вика Алфред Гисласон.
Начинот на кој ротираше во својот тим е за опширна анализа, инсистирањето да ја игра одбраната која очигледно низ целиот натпревар не му даваше резултат, играњето без голман при исклучен играч, па и последната акција... Да се надеваме дека Кил и денеска ќе ја игра „својата“ игра, односно играта на Гисласон, тоа е сигурниот пат на Вардар кон Келн.
Во какво издание ќе бидат Дувњак и Вујин е нешто што може да го промени ритамот на натпреварот, но ако искрено во овој момент треба да посочиме од кого најмногу се плашиме во составот на Кил - одговорот е Никлас Ландин или Андреас Волф.
И Германците најмногу би требало да се плашат од Арпад Штербик.
Кил има подобра транзиција и очекуваме Вардар да не се наттрчува со нив, туку да игра посигурна игра. Домашен терен, публика која ги крева и тера играчите да одат до крја на своите сили, поволен резултат од првиот меч... практично се е на страната на Вардар.
Останува уште да се одработат 60-те минути и да се завери пласманот на Ф4.
Средбата почнува во 17:00 часот, за овој натпревар ќе има посебни и заострени безбедносни мерки.