Толку беше и од (оваа) Барса

Интересен ЛШ викед е пред и зад над. Веспрем е аут, но аут е и Барселона. Изненадување или сензација, особено за Барселона, но единствено ако го потецнувате тоа што го работеше минативе години Монпеље и тоа што го работеше Барселона. 

Катарските милиони што одеднаш се слеаја во атракцијата ПСЖ, посебно за помалку упатените значеше инстантно бришење од списокот на фаворити за освојување на ЛШ на тимот на Монпеље. Иако, тие што подобро го разбираат францускиот ракомет ќе ви кажат без око да им трепне дека Монпеље и Шамбери се двата вистински француски бренда. ПСЖ е повеќе каприц на Катарците... но тоа е друга приказна. 

Барселона е аут. Сензација сама по себе, поради името. Каталонците откако економската криза која пред некоја година го здрма светот и која ја збриша цела конкуренција во некогаш силната Асобал во која патем имаат низа од 100-тина натпревари без пораз, почна да играат по поинакви ноти. Го имаат името, но не и тимот. За еден гол утнаа колку им се долги нозете. 

Купија играчи што далеку од тоа дека се лоши, но кои се поефтини и реално станаа многу подобри од тоа што реално го играат само поради тоа што играат во Барселона. Дика Мем, Ласе Андерсен, Камил Шипжак, надополнети со (по)искусни ѕверки како  што се Седрик Сориндо и Ваел Жалуз. 

Ако можеме така да се изразиме, единствената вистинска ѕвезда во нивниот тим е Арон Палмарсон. Но, и тој дојде со еден куп перипетии и на полусезона... Се откажаа стратешки прерано барем за една година од стрелец од типот каков што е Киро Лазаров на сметка на Јуре Доленец, се склопија со неколку шпански репрезентативци и остатокот на тимот е пополнет со играчи што, еве како финален производ, видовме во актуелнава ситуација во пакет со се, ја однесоа Барселона само до 1/4 финале на ЛШ. Ако додадеме дека пред две години кај нив беа играчи како Никола Карабатиќ и Арпад Штербик, дијаграмот за квалитет оди во провалија.
Можеби, сигурно треба и малку трпение за овој тим, но тоа не смее да важи за брендот „Барселона“. Следната година ќе имаме и старо-нови ѕверки во ЛШ, како Келце на пример. Потоа... веќе нема ни да биде важно затоа што сето ова ќе оди во архива, а новата европска лига ќе го смени ракометот што го знаеме. 

Барселона и Веспрем се најголемите губитници во ЛШ годинава, но за разлика од Барселона, Веспрем откако ќе ги држи на минималец сегашниве актери, ќе направи веројатно и некои подлабоки резови, за следната сезона може на сите да им се насмее „во фаца“ и да им каже дека кај нив  на голот ќе биде Арпад Штербик. А  барем ние во Македонија од лично искуство можеме да кажеме дека тоа е нивната најголема победа годинава. 

Елиминацијата на Веспрем и Барселона во Македонија е дочекана со олеснување, насмевки... вака шансите на Вардар за одбрана на титулата, на хартија и од утре во кладилницте се зголемуваат. 

Но, предвреме да се слави победа над (веројатно) Кил е многу поглупо од тоа предвреме да се слави победа над Монпеље или Скјерн. 






 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk