Нов договор или крај за Македонците во Романија?

Романија со години беше некое убаво прибежиште за дел од поквалитетните македонски ракометари кои од разни причини заминуваа од Македонија или правеа трансфери од други клубови. 
Романците на клупски план не се којзнае колку силни, но не се ниту слаби, а најголем дел на нивните успеси се дело на странските ракометари кои ги има многу. 
Во моментов четири македонски репрезентативци се дел од романските клубови во машка конкуренција (Гоце Георгиевски - ЧСМ Букурешт, Златко Даскаловски - Темишвар, Никола Митревски и Велко Маркоски во Констанца). 

Но, тоа можеби нема да биде така уште долго. Романската федерација усвои правилник од кои им се крева косата на главата на клубовите што имаат ангажирано странци или едноставно нивната политика е таква да се потпираат на странски играчи. 

Новите правила едногласно изгласани од бордот на директори, предвидуваат следно:
- Двајца странци да не се подложни на никакви критериуми. 
- Почнувајќи од третиот странец, мора да е исполнет еден од следниве услови:
*Играчот да доаѓа од земја која била пласирана од 1 до 10 место на последното сениорско ЕП или СП. (Македонија беше 15 на СП, а за само едно место не го исполнува критериумот од ЕП, во Хрватска бевме 11). 
*Играчот да доаѓа од земја која била пласирана од 1 до 10 место на ОИ, од последниот циклус. 
*Играчот да има настап на едно од последните две изданија на „Ф4“ турнир од ЛШ или ЕХФ Куп.

Старите договори ќе важат, а до 27 април клубовите ќе можат да потпишуваат или да продолжуваат договори по условите што важеа досега. По тој датум на сила стапуваат новите услови. 

Романските клубови полека почнуваат да се бунтуваат против оваа одлука. „Ќе станеме како Бугарија“, изјавуваат од Букурешт, медиумите редат резултати на Констанца и Динамо Букурешт како доказ дека со странците квалитетот е пораснат и дека резултати полека доаѓаат... но, се чини дека нивните обиди ќе останат јалови. 
Правилото се уште не е имплементирано и има време и да се промени одлуката, но ќе видиме дали ќе биде така. 

 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk