Велика Британија ќе враќа пари за секое рециклирано шише

Маркетите во Велика Британија ќе им враќаат мала сума на пари на своите клиенти кои ќе донесат пластична, стаклена или метална (лименки) амбалажа за пијалоци наменета за рециклирање. Целта е да се намали загадувањето од отпадна амбалажа, што претставува подеднакво закана и за почвата и за водите.

Шемата за враќање пари при селекција на отпад функционира во 38 земји во светот, а во Британија за тоа се подготвувала во последните десетина години. Според искуствата од земјите што го применуваат моделот, интересот за селектирање на отпадна амбалажа речиси се удвоил. Германија, на пример, на овој начин ја зголеми стапката на рециклирање на пластика до 99 проценти. Во Британија, во моментов се рециклираат само 43 проценти, од над 13 милијарди пластични шишиња што годишно се продаваат.

Надоместокот, што ќе го добие секој потрошувач, ќе зависи од големината на амбалажата. Маркетите ќе бидат одговорни секое парче амбалажа да го испратат на рециклирање.

„Нема сомнеж дека пластиката предизвикува хаос во нашите води. Од виталнозначење е сега да дејствуваме и да се справиме со оваа закана од милиони пластични шишиња што не се рециклираат. Веќе ги забранивме штетните микробиди и ја намаливме употребата на пластични кеси“, рече секретарот за животна средина, Michael Gove.

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk