Влатко Митков потпиша за Брегенц

Убава вест ни доаѓа од Австрија. Македонскиот интернационалец Влатко Митков потпиша нов двегодишен договор, но не со екипата на Кремс каде што во моментов игра, туку со екипата на Брегенц. 

„Со ангажманот на Влатко не само што добивме квалитетен и искусен играч, туку и личност која може да биде модел за младите играчи“, изјави задоволниот тренер на Брегенц Јорг Лицбергер. 

И треба да биде задоволен Лицбергер, затоа што Влатко Митков навистина е играч што може да биде пример и модел и за играње и за однесување на и надвор од терен за многу играчи. 

За Митков ова е трет австриски клуб. Авантурата во Австрија ја почна од 2012 година во Бармбах, продолжи во Кремс каде што во моментов игра заедно со Петар Ангелов, а следните две сезони ќе бидат резервирани за Брегенц.  Досега има постигнао 861 гол во Австрија или околу 143 гола по сезона. За играч што игра во два правца тоа е одлично остварување. 

Кариерата како интернационалец, пак, е многу подолга и побогата, а почна во 2003 кога од Пелистер замина за Германија во екипата на Вилштат, а играше уште и за Вецлар, Хам и Балинген. 

Митков за репрезентацијата на Македонија има одиграно околу 100 натпревари, а репрезентативната кариера ја заврши минатиот јуни, откако помогна на клучните натпревари за пласман на ЕП Хрватска. 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk