Како ќе го преживее Металург денов?

Во февруари 2015, со свежи импресии од СП Катар и надеж дека тимот што беше неколкугодишен ракометен хит во Македонија и Европа нема едноставно да се распадне, Металург ја пречека Војводина. 
Тоа беше првиот натпревар на кој екипата настапи со преполовен состав, без пола од играчите кои ги распродаваа билетите од „Борис Трајковски“, за помалку од 10 минути.

Февруари 2018, со свежи импресии од ЕП Хрватска и надеж дека клубот што некогаш беше хит, а нема едноставно да се распадна, Металург ја пречека одново Војводина. Како лош предвесник се јавува новосадскиот тим во Скопје. 
На прес конференцијата по натпреварот капитенот Филип Кузмановски објави дека вака веќе не се може, до среда треба да се реши ситуацијата. 

Можеби звучи како ултиматум, но во суштина е очајнички повик да почне нешто да се случува, затоа што - веќе не се може. 

Исто како и во 2015 година, поснаодливите веќе си заминаа. Овој пат не се тоа звучните Атман, Станиќ... Сега се Арсиќ, Ангелиќ, Петров и Димитриевски. Тие што не се снашле или се сеуште лојални од разни причини, чекаат разврска, но спасот којзнае дали ќе дојде. 

Дури и денеска да добијат пари, ветување или што и да е што ќе ги натера одново да го облечат дресот и да бидат редовни на тренинзи, ситуацијата нема да биде решена. Премногу во овие три години се случуваа настани и сега се стигнати за наплата. 
Наумче Мојсоски е прв со побарувања меѓу 90 и 100.000 евра (неофицијално) поради што сметката на клубот е блокирана. Блокирана сметка е вовед во многу компликации. Кој си имал и најмала работа со Банка, знае на каде одат работите. Мојсоски е првиот, наскоро ќе стигнат за наплата, по истиот основ и Атман, Вугринец, Георгиевски, Маркоски, Миркуловски. Тогаш долгот ќе биде неколкукратно повисок. 

Но, ако денеска работата мрдне во позитивна наскоа, тоа ќе значи дека Металург без поголеми потреси би ја доиграл сезоната. 

Ако нема позитивна промена, тогаш ќе има негативна. Играчите официјално се немаат изјаснето што ќе биде нивниот следен чекор. Дали колективно или индивидуално ќе си го решаваат статусот. Имаат право да бараат раскин на договор и би можела средбата со Војводина да биде последната во која го гледавме Металург во ваков состав. Како и да биде, веројатно нема да ги видиме на тренинг или натпревар. 
Едно од сценаријата е да си заминат најскапите или најискусните играчи, а тоа во случајов се Јагањац, Кузмановски, Пешевски и вентуално Велковски, потоа Илиќ, Токиќ и Гуглета. Дали сите, дали дел од нив.. 

за Јагањац се интересира Загреб, а Металург кој плати 20, треба да плати уште 20.000 евра отштета на ПСЖ. Кузмановски наводно има договор со Магдебург од 2019, Пешевски засега нема комбинација, за Мартин Велковски се интересирал неофицијално клуб од Бундес лига, а во некои шпекулации го слушнавме и Татран Прешов. 

Металург, исто како во 2015 ќе најде замени за нив. Ги имаат Серафимов, Танкоски, Шилегов, Димитроски, Томовски, Арсеновски... Ќе отидат во оган, ќе видиме кој ќе се изгори, кој нема. Имаат уште пет натпревари од СЕХА Гаспром, потоа следи домашното првенство, во кое шансите да го освојат второто место веќе нема да им бидат сјајни. 

Разликата од 2015 и 2018 е во тоа што сега во „Автокоманда“ го нема Лино Червар. Не дека жалиме по него, но ако беше тој тука, ќе верувавме дека ќе искомбинира нешто, ќе го убеди разубеди „газдата“, ќе искова некаков план, па Металург каков-таков уште ќе правеше „зулуми“. 


Веруваме дека Металург ќе преживее. Не еднаш во овие три години сме го гледале како оди по жица. Каков таков ќе продолжи да бутка некои свои идеи и планови. 
Па сепак, добро е што наскоро нема дуел со Војводина. 


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk