Парондо: Среќен сум што ќе водам шампион

Вардар денеска официјализираше дека наследникот на Раул Гонзалез на клупата ќе биде неговиот досегашен асистент во репрезентацијата, Роберто Гарсија Парондо. 
Со тоа останува да функционира досегашниот шпански систем кој успешно беше инсталириран во „Јане Сандански“. Тоа е погодност и за играчите кои нема да мора да ги менуваат досегашните навики и стил на игра. Парондо се покажа како тренер со слични манири како и Раул Гонзалез и сигурно нема да мине долго за да стане миленик на публиката, јасно доколку клубот има резултати под негово водство. 

Многу сум среќен што добивам шанса да бидам дел од европскиот првак Вардар. Верувам дека довербата  ќе може да ја оправдам преку резултатите. Да се биде дел од тим што зад себе има таква спортска традиција и постигнати одлични резултати се голем предизвик за мене.
Вардар веќе го чувствувам како свој дом, тука сум речиси една сезона и условите што ни ги дава клубот ми даваат за право да се надевам за успешна соработка. Сега сум целосно посветен кон обврските во женската екипа на Вардар и сакам со успех да ја завршиме сезоната пред да ја преземам машката екипа.
И покрај ангажманот во женскиот тим доста сум запознаен и со работата на машкиот тим, и затоа очекувам брзо да се вклопат во таа приказна, и исто така и екипата да ме прифати мене и мојот начин на работа. Високите резултати секогаш ќе бидат наш приоритет, за клубот да остане онаму каде што е – во самиот европски врв, изјави Роберто Гарсија Парондо, за официјалната веб страна на РК Вардар. 


фото: rkvardar.mk
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk