Време е за одлука за урбаното лудило во Охрид

Македонија до утре треба да поднесе извештај дали дефинитивно се откажува од изградбата на ски центар и експресен пат на Галичица и дали на тој начин ќе се заложи да се избегне ставање на Охрид на Листата на Светско наследство во опасност што би можело да води до целосно бришење од листата на Светско наследство на УНЕСКО.

Како што информира граѓанската иницијатива Охрид СОС, на 1 февруари истекува рокот кој Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ѝ го зададе на Македонија во Одлуките усвоени на 41-та сесија на Комитетот за светско наследство одржана во Краков, Полска во јуни 2017. До овој датум Македонија треба да поднесе Извештај за напредок во имплементацијата на препораките од здружената Реактивна мониторинг мисија на Центарот за светско наследство, IUCN и ICOMOS. Ова е дел од процедурата кој државата треба да преземе како не би дозволила единственото УНЕСКО добро да се стави на Листата на Светско наследство во опасност.
Македонија, во овој извештај треба да се откаже од планот за ски центар и експресен пат во Националниот парк Галичица, да прогласи мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на Светското наследство, како и да изработи темелна проценка за утврдување на заштитната зона на Светското наследство, што идеално би го вклучила и Преспанското Езеро.

Во рамките на заштитата на Охрид и езерото влегува и изработка на Стратешка оцена за влијанието врз животната средина (СОЖС) за Планот за управување со охридскиот регион 2016-2025, при што треба да се внимава на кумулативните влијанија од било какви инфраструктурни проекти (крајбрежни и урбани) врз заштитените делови. Се бара и стопирање на процесите на легализација на бесправно изградените објекти сè додека не се направи нивна евиденција и не се изработи оцена на влијанието врз природното и културното наследство на сите нелегално изградени објекти, ригорозна примена на законите како би се спречило секакво нелегално градење, како и вклучување на локалната заедница и невладините организации кон вистински партиципативен приод кон управувањето со Светското наследство.

„Имајќи ги во вид големите потенцијални последици за статусот на Светско наследство на Охрид и  регионот доколку овие мерки не бидат преземени, како и во интерес на обезбедување јавен увид во владините политики, неопходно е граѓаните на Република Македонија да бидат информирани за случувањата во врска со овој извештај. Охрид ЅОЅ очекува целосно и транспаренто објавување на Извештајот и формално образложение за мерките кои се преземаат како на Охрид долгорочно би му се гарантирал статусот на Светско природно и културно наследство“, се вели во информацијата од Охрид СОС.

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница.