Хансен казнет 4000 евра

Европската ракометна федерација го казни Микел Хансен со 4.000 евра поради инцидент што се случил на полувремето на натпреварот меѓу Данска и Шведска. 

ЕХФ има (строги) правила за време на ЕП. Коридори по кои играчите мораат да се движат за време и по натпреварот, стјуарди и официјални лица ангажирани да спроведат тоа да биде така како што е испланирано и слично. 

На полувремето од полуфиналниот меч меѓу Данска и Шведска, девојка со акредитација официјално лице му сугерирала на Микел Хансен дека треба да мине низ коридорот, но тој ја бутнал и си продолжил по свое. Не знаеме како изгледала сцената, не знаеме дали ја бутнал со една или со две раце, дали девојката паднала или не... но, казна од 4.000 евра не се добива само за реакција. 

За да ви приближиме како изгледа новинарската работа под трибините, ќе ви откриеме како функционира системот. 

Под трибините постои дел наречен микс зона, тоа е полукружна патека на чија средина стои рекламно пано. Сите играчи по натпреварот се должни да минат по таа патека која е оградена и од другата страна чекаат новинари за изјави. Прво се носителите на ТВ права, радио, на крај се пишаните медиуми. 

Ниту една репрезентација во целост не го почитува ова правило. Не секоаш сите играчи минуваат, често ракометарите едноставно претрчуваат, одмавнуваат со глава за изјава, се правдаат дека не знаат англиски, (иако знаат) и да не набројуваме, посебно кога ќе загубат. Пријава за вакво однесување посебно за неминување низ микс зоната, веројатно би им донела парична казна, но нејсе, ретко кој се одлучува на тоа. На крајот на денот, секогаш има ракометари професионалци, расположени за да ја испочитуваат јавноста и кога не се расположени да зборуваат. 

Такви се 15 репрезентации на ЕП. И ја имаме и Данска која има посебен третман. 

Тие се посебни. Не се мешаат со обичните смртници и си организираат прес конференции за себе. На дански. На тие прес конференции или ако успеете да го уловите нивниот ПР, се запишувате на список со детал со кој играч сакате да зборувате, по натпреварот. Како странски новинар, веројатно ќе бидете последни во редот. Данците низ микс зоната поминуваат и не застануваат. Одат во соблекувална, а по десетина минути излегуваат и нивниот ПР по список ги испраќа кај медиумите. Јасно, први се нивните телевизии кои знаат и по десетина минути да зборуваат со еден играч.
Па така ако сакате две-три минутно интервју со Микел Хансен на пример, не само што ќе треба да резервирате место туку и да чекате ако имате многу среќа, најмалку 30-40 минути за да дојде до вас... ако воопшто дојдете на ред, бидејќи разбирливо дека тие нема сигурно да останат во салата повеќе од еден час...

Тоа е само нивна пракса. Французите на пример се поголеми ѕвезди од нив, но нема такви комплицирања. Единствено што ви треба за да поразговарате со Никола Карабатиќ на пример е трпение. Можете да замислите дека сите сакаат изјава од него, па во микс зоната останува и по еден час по натпревар. 




 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk