Анализа: Романија, што треба да знаете за нив

Пишува: Ричи Ѓамовски

Македонија го доби противникот за бараж квалификациите за СП Данска и Германија, тоа е Романија. Веднаш можевме низ социјалните и другите медиуми да почувствуваме олеснување затоа што не се Русија или Унгарија. Многумина веќе ја гледаат Македонија на СП. Но, да потсетиме, најголемиот дел од истите, по првата рунда на ЕП веќе ја гледаа Македонија со медал околу вратот. Затоа најпотребно е, двете нозе цврсто на земја, стишување на еуфоријата и да се молимие сите играчи да ни бидат здрави во јуни.
 

Романија секако е во редот на репрезентации против кои очекуваме две добри партии и пласман. Согласно рејтингот, квалитетот и се друго. Што треба да знаеме за нив во пресрет на двата бараж натпревари?

Почнуваме со делот што е вон терен. Машкиот ракомет во Романија е во длабока сенка на женскиот. И клупски и репрезентативен, како што на пример беше кај нас во ерата на Кометал и женската репрезентација.
На 14 февруари ќе се одржат претседателски избори во романската федерација. Двајцата главни кандидати се Александре Деду поддржан од „политичарите“ и Нарциса Лекушану поддржана од спортскиот дел. 

Селекторот на Романија, тренерот на Барселона, Чави Пасквал, е човек на Деду. Ова не значи дека кога Лекушану би победила, би имала храброст да го смени пред баражот. Но, Пасквал е на многу тенок лед и трпи многу критики за слабите резултати на Романија. Ако победи Лекушану, а Романија биде елиминирана од Македонија, тогаш тоа би била друга приказана. И Пасквал сигурно е свесен за статусот што го има во моментов. Дојде како голема легенда, ја колонизираше Романија со Шпанци, но сега е приказната малку поинаква. 
Системот што тој го наметна во романскиот тим е тој од Барселона. Но, Романците имаат потешкотии да се прилагодат на него. И тоа не е за чудење. Нема да ве оптоваруваме со бројки за нивните настапи, тоа можете да го најдете на официјалниот сајт на ЕХФ, обрнете внимание на тоа дека квалификациите за ЕП ги почнаа со победи над Белорусија како гости и над Полска дома.

Играчки, главен е Александре Шимику (фото), 202 сантиметри висок лев бек на Ст. Рафаел од Франција. Тој до неодамна не играше за Романија, но сега е одново вратен во тимот и со него се најмалку за класа подобри. Се работи за играч што игра во два правца. Тој е еден од онаа гарда на која нема око да и трепне ако треба да го фати за врат Никола Карабатиќ. Сака да се скара, да удри, знае да игра напад, да проигра, погоди, провоцира - одговара на провокации... 
Левата бековска позиција ја дели со Дан Емил Ракоцеа, новото засилување на Веспрем (доаѓа во 2019 од Висла Плоцк) и со Јонут Рамба. Двајцата се добри шутери, но во однос на Шимику би рекле дека се помалку лимитирани.

И вториот клучен играч на Романија доаѓа од Ст. Рафаел - Михаил Попеску. Тој е голман и тоа од висока класа. Минутажата најчесто ја дели до Јонут Јанку, перспективен и квалитетен чувар на мрежата. 

На централната бековска позиција го имаат Александре Чепреги. Некогаш најголемиот романски талент, не стана тоа што се очекуваше да стане, па Кристијан Фенич организаторот на играта на Темишвар (Златко Даскаловски игра таму) е ракометарот преку кој Пасквал почесто ги остварува своите тактики. 

На позиција на десен бек имаат интересно трио. Хавиер Хумет, натурализиран Шпанец е во составот на Пасквал, заедно со нивната нова голема надеж, Демис Григораш, 24 годишен бек на Татабања од Унгарија. Тие се надополнето со Мариус Садовјак, играч што игра и како десно крило. 

Садовјак на десно крило дели минутажа и со уште еден нивни супер-талент. Роланд Телмајер, 21 годишно крило на Турда, екипа што вложува многу пари за да стигне до резултат. Не сме го заборавиле, од оваа позиција доаѓа уште еден универзалец како Садовјак, а тоа е еден од најпознатите Романци - Валентин Гјонеа, ракометарот што летово по 5 години ќе си замине од Висла Плоцк. 

На позиција лево крило го имаат Андреј Негру и Чике Онеџекве. Иако името сугерира, Онеџекве не е натурализиран, туку е роден Романец со афро потекло. 

Интересна им е позицијата пивот. Последните квалификации ги играа без повредениот Мокану, а со Драгош Соаре на линијата. Ако тој игра со Македонија, би рекле дека е добро. Но, се чини дека дотогаш ќе го вратат повредениот пивот на Динамо Букурешт - Дан Андреи Савенко. Е тој е уште еден играч за кој во ракометниот речник постои збор - кољач. Два метра и 105 кг. мускули со желба да се степа со се што е блиску до него. 

Романија е екипа која физички е посилна, да не речеме доминантна во однос на Македонија. Најдобар начин да ги совладаме е тактички да бидат надмудрени и надиграни. Се губат и бунат со стилот што им го наметнува Пасквал и тоа е добро за нас, засега. Немаат карактер на екипа што знае да се врати по минус. Затоа за нас е исклучително битно да го имаме Кирил Лазаров во составот, играч што знае да ги надигра и надмудри противниците. 

Иако е рано да се дефинира и прогнозира, но очекуваме да одберат за град домаќин едно од следниве три места. Клуж и новата сала со капацитет од 7500 гледачи. Поливалента во Букурешт кој собира околу 5.000 или најлошата за нас варијанта, а тоа е Баја Маре. Таму пред 2500 гледачи се прави амбиент како во скопско „Кале“. 

Тоа што реваншот со ваква екипа го играме на гости не е добра работа. Едноставно, се ќе мораме да завршиме во Скопје. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница.