Си отиде уште една историска шанса

Од Загреб,  Ричи Ѓамовски

Европското првенство што се одржува во Хрватска и што полека се ближи кон крајот, меѓу нас ќе остане запаметено како уште една пропуштена шанса за една генерација на ракометари да направи нешто големо, нешто што ќе се памети. 

За жал, место да го паметиме по историски резултат, ќе го паметиме по уште една пропуштена шанса за историски резултат. 

Немавме среќа, слушнавме многумина да кажат по мечот со Чешка, додека сите слики во главите ни беа измешани, за чувствата и емоциите да не зборуваме.
Но, пред да почнеме да ја проколнуваме Фортуна затоа што во последната секунда реши место во едрата на македонскиот, да дувне во едрата на бродот на Чешка, можеби треба да видиме што направиме за да ја испровоцираме така древната божица. 

Можеби на натпреварот со Шпанија ги крена прв пат на ова ЕП кон нас веѓите? Затоа што на тацна ни беше сервиран меч за полуфинале, но одбравме да одиме по другиот заобиколниот пат? Подобро кажано, не ни беше сервиран, туку на три машки натпревари беше обезбеден дуел, заработена што требаше да се искористи.
Вчера Словенија ни покажа дека Шпанија не е непобедлива. И тие имаат повредени играчи и тоа не еден. Мотото беше „со сите сили“, но бевме далеку од тоа. Македонија одигра меч што треба да се запамети по тоа како не треба. Очигледно, штедевме сили. Не е ова наша констатација, селекторот на прашањето зошто во игра не влезе Миркуловски, објасни дека средбата многу рано била решена и дека има пред него нова војна. 

Споменатата Словенија ни сервираше нова шанса да испишеме историја. Ја победи големата Шпанија и ние одново бевме во игра. Ни беше потребна победа над Чешка и таа победа требаше да ја извојуваме без повредениот капитен. 

За разлика од дуелот со Шпанија на кој единствено голманите беа на висина на задачата, на дуелот со Чешка немаме замерка за ниту еден играч. Но, парадоксално, откако загубивме еден меч за историја затоа што штедевме сили, вториот меч за историја го загубивме (барем една од причините) затоа што - снемавме сили. 

Последните десет минути не бев фокусиран, можеби требаше да побарам замена, изјави по мечот Филип Талески. Можеби не требало Талески да побара замена, туку Раул едноставно требаше да го замени. 

Потфрли ли вчера прочуениот шпански систем на игра со многу ротации? Или воопшто не го игравме тој, туку познатиот систем на „сигурно“.
На клупата остана без минута на терен Филип Кузмановски.
Филип Лазаров и Немања Прибак не видоа многу акција, па кога нашата игра паѓаше во последните 10 минути, немаше загреан играч што ќе влета на терен и ќе направи разлика или ќе одмори некој од триото Талески - Миркуловски - Велковски. 
Или уште подобро ги немаше низ текот на натпреварот, за во последните 10 минути да ги имаме ова трио со доволно сили да одработи до крај и да ги одбрани петте гола предност од 38 минута. Тоа во принцип, нели, би требало е да и една од суштинските цели на ротацијата - штедење и распоредување на силите. 

Селекторот не мисли како нас. Го прашавме зошто во игра не влегот Кузмановски, зошто останавме без турбо гориво во  финишот. 
Ако правилно го разбравме, изјави дека во нашиот тим се функционирало добро. И одбрана и напад и дека сме имале бод во рака, но сме немале среќа. 
И тоа одново ќе не врати на почетокот на текстот. 

А можеби не е само тоа, можеби е и до карактерот како што вели Миркуловски. Секогаш кога најмногу треба, нешто ќе излезе наопаку.

Вчера видовме и една работа која можеби не се гледаше добро од трибините или тв екраните. Тоа е поддршката кон Мартин Велковски. Го учеа што да направи и Кирил Лазаров и Миркуловски и Стоилов, го бодреа, му ја креваа самодовербата. И добивме од него и голови и асистенции. 
Ако нешто треба да запеметиме од овој меч е тоа. И дека така треба да се однесуваат кон сите. Мартин вчера виде дека може, видовме и ние. Во таков однос кон сите млади, на секој натпревар, можеби нема да чекаме цела деценија за нова историска шанса. 




 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница.