Анализа: Словенија, најсилниот адут им е Вујовиќ

Со цел да ви ги направиме натпреварите од ЕП поинтересни и да ви ги доближиме противниците на Македонија, ќе направиме мала нестручна анализа на репрезентациите со кои ќе се сретнеме на шампионатот.

Прво на што асоцира Словенија пред ова ЕП се повредите. Миклавчиќ, Габер, Доленец, Потеко, неизвесни Хенигман и Кавтичник. Од претходно без Бомбач, Зорман, Скубе... Toa се многу ракометари за мала држава како Словенија да може да го издржи без да има посериозен пад во квалитетот. 
Па, сепак, Словенија е фабрика за производство на квалитетни играчи со години и бројните отсуства не се приметуваат. Напротив, имаат подготвени замени. Доаѓаат со бронза од СП која неочекувано беше засенета со кошаркарското злато и сега имаат обврска одново да направат добар резултат. Никој нема да им замери и ако не направат, но не им верувајте на приказните дека во Загреб доаѓаат со алиби. 

За разлика од Германија која има одличен тим и (се надеваме) слаб селектор, во Словенија е обратно. Со сите повреди, веќе немаат добар тим, но имаат добар селектор. Веројатно веќе ќе ги гледавме запишани двата бода на конто на Македонија, ако на клупата го немаа Веселин Вујовиќ. 
Вујовиќ знае да извлече максимум и од „послаби“ играчи, знае да им го крене борбениот дух да ги направи поопасни отколку што реално се. Сме го виделе тоа во Скопје. Тоа нема да не спречи да ја гледаме Словенија како шанса за добар резултат на ЕП, но ни оддалеку не би се опуштале. Напротив улогата на голем фаворит е на нивна страна.
Ако некој мисли поинаку, слободно може да оди во најблиската обложувалница и да провери како стојат коефициентите. 

Што можеме да очекуваме од Словенија? Не би се заплеткувале со дефанзвните формации. И така им се измешани улогите на играчите по повредите. Но без разлика како ќе ги постави во зоната, би рекле дека кога ќе бидат во одбрана можеме да очекуваме само едно. Словенија да не игра „ракомет“. Ако ги гледавте двете (не)пријателски со Хрватска, ќе ви стане јасно на што се мисли. Словенија во одбрана ќе игра ракомет, со многу повеќе тепање, грубости, агресивност. Чувари специјалци, играчи од задача, не би исклучиле и провокации... Едноставно, Вујовиќ е стара школа, тренер што сака неговите играчи да водат и психолошка војна и да бидат главните мангупи на теренот. Самиот тој ќе биде додадена вредност од клупата. 
А кога зборуваме за нивната одбрана, мораме да споменеме и дека имаат два одлични голмани.
И очекуваме така да ги почнуваат натпреварите. Со жестоки стартови во воведните минути кога се помали шансите да се добие црвен картон или исклучување и се воспоставува критериум. Можеме и да погодуваме кои играчи ќе носат „мета“ на грбот.  Треба да биде спремна Македонија на вакво сценарио.

Поинаку ќе биде во напад, во напад ќе играат поинаков ракомет. Го имаат Зарабец на центар, многу добар играч, виртуоз ... Мачковшек лево од него, Млакар десно. Јанц ќе има задача да се уфрла и како пикер и да вкрстува како десен бек, на спротивната страна Цингесар можеби ќе игра нешто слично, а на линијата ќе им биде горостасот Благотиншек и тоа им е ударната постава. Транзиција од одбрана во напад одлична благодарение на Јанц и соработката си голманите, откако нормално одбраната прво треба да одработи. Проблемот очекуваме да им настане кога ќе треба да се направат ротации. Колку играчите од вториот ешалон, посебно Жабиќ и Сухолезник ќе можат да го надополнат отсуството на Матеј Габер... Дали Цехте може да го замени Доленец, дали Кавтичник навреме ќе се рехабилитира... 

Словенија може да биде и ловец и плен. Тешко дека во ваков состав може да се претстави во издание како на СП Франција. Не само Македонија, туку и Црна Гора во нив гледа плен. Иако нема да ви го признае тоа. Словенија овој пат ќе треба да се надмине себе само за да го мине првиот круг. Потоа би им било полесно. 


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница.