Крајот на годината уште еднаш ни го нуди уникатниот момент да погледнеме назад, да резимираме, сумираме, анализираме... но, тоа веќе и така го имате и премногу во секојдневната понуда, секојдневниот медија маркетинг. Ова нема да биде текст во кој ќе ви прераскажуваме се што сте виделе и доживеале во 2017, ова е текст за тоа што Ви го посакуваме во 2018.
Почнуваме со тие кои што за нивна, наша и ваша среќа и годинава први ќе излезат на борилиштето - машката сениорска репрезентација.
Им посакуваме успешен настап на ЕП Хрватска и најмалку 2000 македонски фанови на трибините во Загреб и Вараждин. Очекуваме беспоштедна борба на сите натпревари на ЕП. Резултатски, пласманот во втората рунда ќе ги задоволи нашите стандарди и очекувања, но им посакуваме многу повеќе. Можат повеќе, јасно е дека и ние и сите други би сакале и да видиме повеќе, но нема да се претвориме во портал што ќе продава еуфорија, а потоа, ако не е според наш вкус ќе се чуди, жали и критикува.
Пласманот во втората рунда гарантира прв шешир во ждрепката и значително поголеми шанси за пласман на СП 2019, патем и повисоко место на ранкингот за квалификациите за ЕП 2020. Тоа е второто нешто што им го посакуваме на нашите сениори.
Вардар минатата година испорача шампионска титула од ЕХФ Лигата на шампиони, годинава им посакуваме да направат нешто што никому претходно не му успеало. Да ги обединат титулите во машка и женска конкуренција. Гледано од овој агол, лани една судиска грешка на три секунди до крајот на женското финале ги спречи во ваквата мисија (не е наша констатација, таа погрешна одлука е влезена во судискиот видео-учебник на ЕХФ) . Вардар наскоро ќе се менува, ќе има нов лик, му посакуваме да остане силен и репрезентативен во Европа.
На Вардар му посакуваме два шампионски пехара од ЛШ, но од Вардар очекуваме не само резултати, очекуваме да стане лидер и на друго поле и целата инфраструктура што ја има да ја искористи и за создавање на домашни ракометари.
На Металург му посакуваме излез од кризата. Годинава што изминува е една од најтешките, годината што е на прагот е можеби клучната за опстанокот. Металург нема спектакуларни резултати, но македонскиот ракомет нема да биде ист без стабилен Металург. Тоа што 14 од 16 јуниорски репрезентативци кои освоија шесто место на СП се продукт на Металург, е показател за улогата што ја игра овој клуб во македонскиот ракомет.
СЕХА Гаспром стана препознатлива сила во Европа. Продукт кој почна на реалација Скопје - Загреб, а сега е признат член на европското семејство и лига која е „скоцкана“ да може и ЛШ да и позавиди. На СЕХА Гаспром и посакуваме да продолжи по патот. Покажаа дека знаат и како треба и што треба, знаеме и што се мораа да пројдат за да станат ова што се сега. Но, нивната приказна не завршува, туку допрва ќе треба да станат тоа што им е замислено. Им посакуваме да продолжат како и досега.
На Пелистер му посакуваме да го одбере вистинскиот пат. Овој клуб треба да добие финансиска поддршка со која ќе може да стане и резултатски конкурентен на Металург. Кога ќе стигнат парите и ќе почне еуфоријата, на Пелистер ќе му треба многу мудрост, трпение и ладна глава за да направи добар продукт. Ќе стигнат и многу понуди од ракометните платеници кои крстосуваат низ Европа со цел да спечалат евро повеќе за себе, ќе се појават многу „мудри“ глави што ќе кажат како треба. И публика што сака се и веднаш.
На Тинекс Пролет му посакуваме уште една сезона во која нивниот брод мирно ќе плови. На Борец, Прилеп, Охрид, Радовиш им посакуваме да застанат или да останат на нозе. Посебно во нашите мисли се со Борец и Прилеп. Тие се во лоша приказна и искрено им посакуваме да има среќен крај.
Најмалку три симпатични клуба ни доаѓаат од Првата лига. Бутел Скопје, Металург Јуниор и Струга. На стружани им посакуваме да се договорат конечно со Наумче Мојсовски и да го видиме на претседателска функција веќе во јануари. Бутел Скопје веќе го гледаме како суперлигаш и му посакуваме да одбере вистински начин на кој ќе се справува со предизвиците. Металург Јуниор има потенцијал, знаење, му посакуваме да склопи добра финансиска конструкција.
Има многу што би посакале во ракометната 2018. Им посакуваме на Серафимов и Танкоски прогрес во вистинскиот правец, им посакуваме на Карапалески и Кизиќ што побрзо да почнат да ги освојуваат насловите. Кузманоски, Томовски, Велковски... веќе ги гледаме како искусни играчи иако имаат по 21 година. Пораснаа како генерација, беа фрлени во оган и не изгореа, 2018 за нив може да биде клучна за начинот на кој ќе им се тргне кариерата.
Посакуваме јуниорско-кадетските репрезентации да произведат доволно квалитет за тоа што не чека во 2019, посакувме да ја видиме школата на Мите Стоилов како го обединува јужниот регион, Еурофарм Работник како оди напред во Челинџ Куп...Посакуваме да се врати на сцената ракометот на плажа. Ова е спорт што има реални шанси да стане олимписки, кога тоа ќе се случи треба да бидеме подготвени. Би сакале што побрзо да ги видиме Павловски, Колев, Илиев во нови клубови, да слушнеме добри вести и од земјата на светските шампионки каде што Марјан Колев ќе води тешки битки за титула, да ги видиме Израел со Шундовски и Грузија со Бошковски на голем настан...
Следната година сакаме да имаме што повеќе текстови за настапите на Диви, Дупјачанец, Митревски, Даскаловски, Гигов, за головите на Костески, Талески, Кузмановски, Лазарови, Прибак, Маркоски, Мајнов... за сите што професионалниот леб го печалат надвор од Македонија, а се продукт на македонскиот ракомет
РФМ го зачувавме некако за крај. Тој ги обединува сите, од сениорите што ќе одат во Хрватска, до ракометните школи во кои годинава очекуваме да се воведе ред и правила на игра.
РФМ се нафати со сизифовска работа, преку кадетско-јуниорските репрезентации да ги пополни празнините што клубовите ги оставаат зад себе во работата со младите категории. Го назначи Данило Брестовац кој доби одврзани раце и поддршка од федерацијата да спроведе проект, координира, селектира, тренира и да произведе играчи за националните селекции.
РФМ е единствената надеж за спас за женскиот ракомет кој пред 15 години имаше европски шампион и беше спорт број еден. Стратегијата за развој што треба да се подготви и реализира е можеби најважното нешто што се случува во ракометот, а е под површината, далеку од светлото на рефлекторите и неатрактивна за лајкови и кликови.
Очекуваме годинава да видиме турнир на млади категории на кој ќе ги видиме на дело и ракометните школи.
Не не интересира која од нив кого ќе победи, не интересира во која од нив има играчи што се потенцијал во кој треба да се вложи знаење, внимание, да му се пружи помош.
На РФМ му посакуваме да издржи во оваа битка.
Најискрено во 2018 би сакале да слушнеме двајца македонски тренери како се расправаат кој е подобар начин да му се помогне на некој талент, како едниот не штеди пофалби за работа на другиот тренер, како едниот „купува“ знаење од другиот. Можеби ќе ви биде чудно, но за речиси 20 години следење ракомет, токму ваквите моменти биле вистинска реткост.
Би посакале и повеќе судии и делегати на меѓународна сцена, посакуваме Скопје да остане главен ракометен град на Европа, посакуваме 2018 да биде предизвик што ќе го извади најдоброто од сите инволвирани во ракометот во Македонија.
На сите вас драги читатели, g-sport.mk Ви посакува добро здравје, многу среќа и се најубаво во 2018...