ЕП: Уште два тренинга годинава

Сениорскиот тим има пред себе уште само два тренинга, пред одморот од два дена за новогодишните празници. Утре по утринскиот тренинг играчите ќе бидат ослободени и со тоа официјално ќе биде спуштена завесата за 2017 година. 

Следниот собир е на 2 јануари, а почнува со финалното десетдневно одбројување до стартот на првенството. Во јануари сите 16 репрезентации ќе бидат во строј, вклучително и Црна Гора и Германија, два противника на Македонија. Германците и сега се на собир, но тој е сличен на македонскиот од минатата недела, загревачки.

На тренинг, главно физички се и Словенците, нашиот прв противник на ЕП. 

„Работиме на физичка подготовка, одмор, тактичките подготовки и контролните натпревари ќе ги имаме во јануари“, изјави селекторот на Словенија, Веселин Вујовиќ за нашиот сајт.
Словенија има двајца ракометари кои се тркаат со времето за настап, тоа се Јуре Доленец и Ник Хенигман. 

„Последниот збор ќе го имаат докторите, но засега се добро, посебно Доленец“, вели Вујовиќ. 

Во таборот на Македонија е мирно, Раул Гонзалез засега нема никакви проблеми, освен што голманот Мартин Томовски поради зголемена температура пропушти некој тренинг. Сите би требало да бидат во строј на 2 јануари, а тогаш можеби ќе го знаеме и составот со кој Македонија ќе отпатува за Белград каде што ќе одигра два контролни натпревари. 
Во моментов тренираат 21 ракометар, финалниот ростер за дуелот со Словенија ќе биде со 16 играчи, но и право да се направат три замени во првиот круг. 
Тоа ќе му даде простор на Раул да искомбинира за сите натпревари, посебно затоа што може и играч што бил заменет да се врати во ростерот за следен натпревар. 


Фото: macedoniahandball.com.mk
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk