Денеска почнува женскиот мундијал

Со натпреварот меѓу Германија и Камерун, вечерва почнува 23.Светско првенство во женска конкуренција. Шампионат што ќе ги задоволи вкусовите на ракометните фанатици, но првенство што веруваме нема да предизвика голема заинтересираност во Македонија, со оглед на тоа дека нашиот државен тим нема да учествува на првенството. Македонија во баражот одигран во јни беше елиминирана од Шведска. 

Светски првак е Норвешка, на пиедесталот пред две години во Данска беа уште и Холандија и Романија. Најмногу титули досега има Русија (4), но од 2009 година кога станаа прваци во Кина, досега немаат освоено медал на СП. 

Сепак, ќе видиме неколку познати лица во дресовите на туѓи репрезентации. Лејно и Лакрабер се дел од тимот на Франција, Цвијиќ и веројатно Лекиќ ќе ги видиме во Србија, Радичевиќ во екипата на Црна Гора. 

Постоплимискиот период во женскиот ракомет има и поинаква димензија, па неколку ракометарки се одлучија да го искористат четиригодишниот период до новата Олимпијада така што ќе се посветат на семејни обврски, односно решија да станат мајки. 
Поради пауза за бременост, на овој мундијал нема да ги видиме Русинките Ана Сењ, Владлена, Боборникова и Викторија Жилинскаите, по тоа Трине Троелсен, Лин Кристин Ригелут, Радмила Петровиќ, Лин Блом, Маура Визер, Лаура Гласер, Анита Булат, Ида Алстад... има и две повратнички од паузата и тоа во рекорден рок, тоа се Естевана Полман од Холандија и Хајди Локе од Норвешка. Двете се породија летово, но ќе бидат на СП. 

Поради повреда на СП нема да бидат Марта Манге, Тереза Алмеида, Алина Илие, Александра Насименто, не се знае колку ќе можат да помогнат Андреа Лекиќ во Србија или Алисон Пино во Франција. Селекторите решија да изостават играчи како Андреа Кликовац, Бјанка Базалиу, Полина Кузњецова, Анико Ковачич и Марит Фрафјорд... Трефилов згора на тоа нема да може да смета и на трите суспендирани јуниорки, меѓу кои и нивниот најголем талент, Скоробогаченко. Највознемирени се во Романија, од каде стигнува вест дека Кристина Неагу има проблем со рамото и ќе треба да се штеди. 

Сето ова го пишуваме за да ве подготвиме за новиот бран на ракометарки што треба да се да стигне со овој мундијал. Обрнете внимание на Емили Болк (фото) од Германија, централниот бек Кристина Ласло од Романија, крилото Моет на Франција и на речиси сите млади играчи на Данска и Норвешка. Секако ќе биде интересно да видиме во каква форма ќе се појави Хајди Локе. 

На картата на светот не веруваме дека ќе има поголеми промени. Норвешка, Русија, Холандија, Франција и Шпанија во прв ред. Зад нив се Германија, Шведска, Романија, Унгарија и Полска. Ќе биде интересно да видиме по сите турбуленции како сега ќе изгледаат Црна Гора и Србија. Таму играчите извојуваа големи битки со селекторите, па сега е нивни ред да возвратат. 

Од неевропските земји, Ангола, Бразил и како и секогаш Јужна Кореја можеби ќе имаат збор два повеќе да кажат на првенството. 





Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk