Кањељас: Засега, останувам во Вардар

Вардар неделава ја почнува последната етапа од оваа првата фаза на Лигата на шампионите. Засега на „црвено-црните“ им оди над очекувањата и се на добар пат да го повторат ланскиот успех, кога во првиот дел на ЛШ го освоија првото место во групата. 

„Мораме да победиме на сите натпревари што ги играме дома. Засега сме во добра позиција, но не смееме да ’кикснеме’ на домашен терен и да и дадеме шанса на Барселона или пак на некој друг тим да не престигне“, вели шпанскиот бек Џуан Кањељас. 


Можеби ве чуди што му го сменивме името и го нарекуваме Џуан Кањељас, место досегашното Жоан, но шпанскиот бек ни ги појасни работите. 


„Моето име е Џуан, така е оригинално на каталонски, а на шпански би било Хуан. Но, со годините се навикнав луѓето различно да го изговараат моето име и тоа не ми смета. Овде конкретно ми се чудни, интересни и секогаш збунувачки буквите како Ц, Џ, Ѕ, Ж на начинот на кој се пишуваат“, вели Кањељас кој, патем речено, не само што научил доволно добро да зборува македонски, научил и да чита кирилица. 


Кога се работи за Вардар, некако неизбежно, посебно во овој период се наметнува прашањето како ќе изгледа тимот следната сезона. Најавени се неколку заминувања, а полека почнуваат да се споменуваат низ кулоарите и играчи што треба да дојдат. Што се однесува до Кањељас, работите барем во моментов се јасни и би рекле смирувачки за  навивачите на Вардар. 

„Моите планови се врзани со Вардар, имам уште една година од договорот и засега е тоа. Ќе видиме како ќе се одвива целата работа, првенствено кој ќе биде тренер на тимот. За мене е тоа е исклучително важно“, вели шпанскиот бек. 


Вардар во сабота, во „Јане Сандански“ (17:30ч) ќе го одигра последниот натпревар од Лигата на шампионите за оваа календарска година. Противник е шведскиот состав Кристијанштад кој во минатото коло направи изненадување со победата над Пик Сегед. Унгарците се една од двете екипи во ЛШ што годинава успеаја на дуел со Вардар да останат непоразени, па шведскиот тим треба да биде сфатен сериозно не само затоа што го совладаа Сегед, туку и затоа што се во серија од три натпревари без пораз во ЛШ. Претходно одиграа нерешено како гости со Висла Плоцк, едно коло пред тоа на домаше терен ги совладаа Полјаците. 
Последниот пораз во ЛШ им е токму од Вардар, на домашен терен на меч одигран на 4 ноември (23:26). 


фото: rkvardar.mk / Денис Дуковски












 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk