Кога ќе го изнервираш Никола Карабатиќ

Инспирирани од тв серијата „Vikings“, маркетинг службите на Келце снимија мотивирачко видео во кое ракометарите на Келце беа облечени како викинзи и со борбени извици ги извадија борбените секири, мечови, копја и други реквизити и така ја подгреаја атмосферата пред мечот на неделата на кој во „Легионово“, пристигна Пари Сен Жермен. 

Нивното видео го видоа и Французите и се чини токму тоа им беше и потребно за во Келце да стигнат подготвени за борба. 

„Излгеда добро се наострија за нас“, напиша на својот профил Никола Карабатиќ пред да се качи во приватниот авион заедно со најскапата ракометна дружина во историјата. Слетаа на мал аеродром во Полска со план да не се задржуваат ниту минута подолго отколку што мораат во Полска. 

Викиншкиот меч има две острици, а поострото сечило беше наменето за викинзите.

„Да кажеме дека одбраната на ПСЖ играше остро, е како ништо да не сме кажале“, напиша во извештајот од натпреварот полскиот весник „Спортове факти“. 

Никола Карабатиќ им даде 6 гола од 7 шута само во првиот дел, блескаше и Омејер и ПСЖ на полувреме имаше водство од 15:11. 
Во вториот дел поведоа Французите и со 18:13, по што Келце со серија од 3:0 се врати во големата битка, а се разбуди и преполната сала. Ерупцијата следеше во 48 минута кога Никола Карабатиќ заработи директен црвен картон за груб старт над Блаж Јанц, а „Легионово“ беше во делириум кога Келце за прв и единствен пат на натпреварот поведе (24:23). 

Тога се разбуди и Сандер Сагосен, одново Омејер и помогнати од Гензајмер и Хансен ја вратија предноста која достигна и плус 3 (29:26). Победникот дури тогаш беше решен, а конечниот резултат е 30:29 за ПСЖ. 

Овој пораз на Келце, поразот на Веспрем од фенерџијата Алборг и победата на Кил над Мешков Брест ја искомплицираа табелата во групата „Б“.

Вардар од кого очекуваме оваа фаза од ЛШ да ја заврши на првото место во шемата на ЛШ за пласман на Ф4 турнирот ќе треба да игра со победникот од А5-Б4. 

А5 позицијата сега му се смешка на Пик Сегед кој во „црната недела“ за унгарските екипи загуби од Кристијанштад. За позицијата Б4 се искомплицира ситуацијата. Досега “фаворит“ за тоа место беше Келце, но сега Кил се вмеша во оваа битка, а Веспрем веќе не е толку безбеден на позицијата број 3. 

До крајот има уште пет кола. Веспрем на третото место има 11 бода, Кил на четвртото има 5, а Келце е сега на позицијата број пет со осум освоени бода. 
 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk