Лино Червар е во Скопје, веќе беше и на тренинг на Металург, но во сабота на клупата на македонскиот вице-првак на натпреварот со Мотор од Лигата на шампионите, нема да биде селекторот на Хрватска, туку средбата како и на минатите десетина натпревари ќе ја води Александар Јовиќ, заедно со Ванчо Димовски. Иако сето ова може многу чудно да изгледа, ова е веројатно најисправниот потег. Каков ќе биде ефектот од престојот на Червар овие неколку дена, ќе имаме можнос да видиме.
„Нема да сум на клупата на натпреварот со Мотор. Сега морам да мислам на ЕП“, ни потврди со смс порака првиот стратег на Металург.
Според нашите неофицијални информации, Лино Червар во Скопје ќе биде до понеделник, по што се враќа назада во Хрватска и веројатно нема да го видиме во Скопје до крајот на Европското првенство.
Како целава приказна, пак, ќе изгледа во февруари, засега не може да претпостави.
Металург се наоѓа во непријатна ситуација, една од најтешките во минативе десетина години. Прашањето со тренерот е само еден дел и иако најинтересно за љубопитната јавност, тоа е можеби најлесно за решавање. Далеку поопасна, би се осмелиле да кажеме и по иднината на клубот е неговата финансиска ситуација. Таа е дополнително искомплицирана со судското решение да му се исплати заостанатиот долг на Наумче Мојсоски и блокирање на нивната сметка. Наскоро за наплата, претпоставуваме дека ќе дојдат и решенијата за другите играчи.
Металург, пак, во следниве десет дена треба да организира два натпревара, ЛШ со Мотор, СЕХА Гаспром со Татран и најдалечното патување во Лигата на шампионите, во Лисабон и сето тоа не е мал трошок.