НАТУРАЛИЗАЦИЈА: Ќе има само три странци

Ќе се ограничува бројот на натурализирани играчи на една репрезентација. Светската ракометна федерација (ИХФ) викендов ќе oдржи редовен, изборен Конгрес во турскиот град Анталија, каде на дневен ред ќе се најде и оваа точка. Покрај неа, неколку жешки теми ќе разгледуваат делегатите на ракометните федерации ширум светот. Главна тема ќе биде изборот на нов претседател, а за таа позиција ќе има само еден кандидат - Хасан Мустафа. Но ќе има и други теми што привлекуваат внимание. Поделбата на Америка на два дела во квалификациите за СП веќе ги разбранува страстите на Панамериканците. Ќе бидат доделени јуниорските мундијали за кои и Македонија е заинтересирана, а една од Топ-темите ќе биде и натурализацијата.
 
Црна Гора e една од најпогодените држави кога е во прашање  натурализацијата. Таа го покрена ова прашање, доби и поддршка од ЕХФ, но за нејзиниот предлог да не може да се натурализира играч што веќе има настап за сениорски тим  - нема да се гласа.
 
Ќе се гласа за нов предлог, а тоа е ограничување на бројот на натурализирани играчи. Максималната бројка според новиот предлог ќе биде три. И тоа во прв момент, треба дополнително да се намалува и оваа бројка.
Не само бројот на странци, туку и  условите за добивање на право за настап ќе бидат заострени.
 
Во моментов секој играч што има тригодишна пауза од последниот настап за една репрезентација, може да игра за друг национален тим доколку живеел во одбраната држава 24 месеци вкупно, во кој било период од животот.
 
Тоа ќе се промени, па така покрај паузата од 3 години од последниот настап, за да исполни критериум ќе треба да живее 3 години и тоа последователно во државата за која ќе сака да игра.
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk