Неделата на ЕХФ завшува денеска со последните пријателски и официјални натпревари што се играат ширум Европа.
За македонската сениорска репрезентација заврши вчераутро со последниот тренинг. Оценката на играчите и на селекторот е дека се работело добро и дека се задоволни со тоа што е постигнато во оваа недела, иако неколку играчи беа вон строј. Тоа беа Кирил Лазаров, Аце Јоновски, Филип Кузмановски и Филип Талески... играчи што ќе имаат минутажа на ЕП и чие отсуство не е занемарливо. Но, освен Јоновски сите беа на тренинзите гледаа што се работи и во декември ќе можат да се приклучат.
„Одработевме добра недела. Трениравме многу. Не игравме натпревари, кога играш не можеш да тренираш. Сакам да играме и 5:1 одбрана и 6:0, но за тоа ќе треба време. Имаме подолг список на играчи, мораме да имаме избор, за кога ќе дојде време да видиме кој во каква здравствена состојба е и кој може да игра“, изјави Раул.
Неделата на ЕХФ, првата поголема работна акција на Раул со репрезентацијата мина во стилот во кој Шпанецот работи во Вардар. Мирно, со многу респект кон сите, секогаш достапен и секогаш добро расположен, или како што вели еден ракометен колега-новинар, „милина е да соработуваш со ваков човек“.
Атмосферата во тимот е одлична, се работеше на високо ниво, а имавме можност да слушнеме и прочитаме и од играчи како што се Кирил Лазаров и Филип Миркуловски став дека во моментов е подобро што немаме натпревари, туку само се тренира. Во моментов штом сите се сложни дека е подобро само да се тренира, тогаш тоа е така. Го почитуваме ставот на Раул и на играчите, тие сигурно знаат подобро што треба во моментов и како треба да се одработи.
Но, имаме право на став и наше мислење, а нашиот став е поинаков. Сметаме дека оваа недела требаше да биде искористена и за да се игра натпревар. За да се избегне патување и губење време и тренинзи, можеше да се доведе противник во Скопје и да се одигра барем еден натпревар. Ако ништо друго тогаш затоа што планот е дури во јануари да играме контролен меч и само со една или две проверки да одиме на ЕП.
И посебно откако ги видовме на дело Германија и Словенија, кои одиграа натпревари со Шпанија и Хрватска како да се на финале на ЕП.
фото: Игор Паневски/
Panevski sport photography