Последниот меч на Ангеловски

Фудбалерите имаат обичај да ги закачат копачките на клин, боксерите истото го првават со ракавиците, борачите ги оставаат патиките покрај татамито. Ракометарите немаат некој посебен ритуал со кој означуваат крај, но ќе ја сфатите поентата. 

Вечерва завесата се спушта на 20 годишната играчка кариера на Бранислав Ангеловски. А, пред публиката да стане од столчињата и со овации да го побара актерот назад на бината, тој ќе го одигра прошталниот танц. 

Во Битола, родниот град пред се надеваме полни трибини, Ангеловски и пријателите ќе одиграат меч со Пелистер. Ќе има многу познати ракометни личности од цела Европа, ќе бидат многумина што биле поврзани со ракометарот кој репрезентативната кариера ја почна на меч со Луксембург во скопско „Кале“, на 8 март 1996 под водство на Ванчо Јовановски и Цане Крстевски, а ја заврши на 24 јануари 2014 во Данска, на ЕП по натпреварот со Исланд. Во меѓувреме запиша 159 настапи за македонскиот национален тим и има постигнато над 300 гола. 

Има многу што да подвлече со црвено од кариерата. Беше во Вардар кога „црвено-црните“ го освоија првиот шампионски пехар во 1997 и првиот Куп во 1999. Беше дел од Металург кога сино-белите од Автокоманда ја освоија првата двојна круна, патем беше МВП на првенството и плеј оф завршницата. Беше дел и од Пелистер, кога битолчаните ја освоија својата последна двојна круна. 

Играше лево крило под водство на Драган Нишевиќ под прокиснатиот кров на Расадник, играше и центар и лев бек во годините што следеа, ги бранеше четворката и петката, беше „Индијанецот“ во 5:1 зоната... Беше дел од Вардар, Тинекс Пролет, Металург, Пелистер, Винтертур, Загреб, Тулуз и Ал Аин пред во 2010 да замине за Констанца каде се скраси до крајот на кариерата. 
Приказната ја завршува со 11 шампионски и 10 Куп трофеи од неколку првенства. 

Вечерва од 18:15 часот во спортската сала во Битола, ја почнува последната играчка епизода, ревијално, колку да им се заблагодари на гледачите, фановите, пријателите, соиграчите... 


 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk