Флертуваат ли Болк и Вардар?

Пред три години во Македонија се одржа Светско јуниорско првенство во женска конкуренција, а од мноштвото квалитетни ракометарки, три имиња останаа запишани и во нашиот нотес.

Тоа се Бјанка Базалиу, романската ракометарка која тогаш играше во втората романска лига. Вардар само начелно се заинтересира за  неа, но уште пред да решат дали да одиграат потег на таа табла, ЧСМ Букурешт веќе ја ангажираше. 
Втората е Кристина Ласло, средниот бек на Романија. Таа годинава веќе зема замав во екипата на Будуќност. 
Третатата е Емили Болк. Нема многу да погрешиме ако кажеме дека централниот бек на Германија беше се’ во нивниот тим. Играше два правца, ја врзуваше играта, комбинираше, погодуваше... 

Таа е продукт на Букстехуде со тоа што една година има минато во академијата на данскиот Виборг. Има 19 години и веќе ја надраснува Бундес лигата и се промовира во лидер и на сениорскиот национален тим. Годинава на пет натпревари постигна 23 гола, а патем Букстехуде забележа и пет победи. И доаѓа времето да замине од Германија и да се обиде во Лигата на шампионите. 

Ова не му избега на германскиот весник Шпигел кој објави поголемо интервју со најперспективната германска ракометарка во која се потенцирани две работи. Едното е дека Болк во јуни кога ќе има 20 години и ќе и истече договорот ќе биде на излезна врата не само од Букстехуде туку и од Германија и втората дека една од најверојатните дестинации за неа е Македонија. 

Болк за целата ситуација и можната преселба во еден од трите најмоќни ракометни бастиони во женскиот ракомет во кои се издвоени Македонија, Романија и Унгарија, вели:

„Нема да одам во клуб што ќе даде најдобра понуда. Сакам еден ден да играм во Лигата на шампионите, во клуб со големи амбиции, да имам добар тренер и ’кул’ екипа“. 


Во интервјуто кое можете да го погледнете на следниов линк  да бидеме искрени и нема конкретна информација за тоа дали покрај понудите што веќе ги има, фигурира и заинтересираност од Вардар. Како можни дестинации се споменати и Ѓер и ЧСМ Букурешт. Тоа не треба за изненадува, ова се трите најдобри клубови во моментов во Европа, но ќе забележите дека во поднасловот, од сите дестинации е издвоена Македонија. 

Нема да одиме подалеку со шпекулациите ниту ќе го вовлекуваме Вардар повеќе во оваа приказна отколку што треба, но една работа е сигурна. Емили Болк ќе биде на радарот на повеќе клубови додека трае Светското првенство што ќе го организира Германија во декември. Со поголемо внимание ќе следиме како ќе игра и каков потенцијал е во моментов. 



фото: spiegel.de
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk