Големата битка без победник

Единственото пријателско на натпреварот меѓу Словенија и Хрватска, беше предзнакот, типот на натпреварот. Се друго, беше на ранг на официјален натпревар. Посебно борбеноста и жарот на битката која се водеше во словенечката „Стожице“. 

Немаше победник, мечот заврши 26:26, а посреќни што епилогот е ваков треба да бидат Словенците, затоа што Хрватска имаше напад за плус два во последната минута, имаше и шут за победа што заврши во мрежата, но за дел од секундата по звукот на сирената.

Можеше да се види многу на овој натпревар, а тоа што треба да го загрижи селекторот на Македонијам, Раул Гонзалез, е начинот на кој игра, се бори, се движи... репрезентацијата на Словенија, нашиот прв противник на ЕП во јануари.

Словенија настапи без Јуре Доленец и уште неколку играчи, но нема зошто да стравува Вујовиќ. Тоа што го гледаме во ЛШ и СЕХА Гаспром од Целје сезонава, го видовме и вечерва. Жига Млакар, најдобриот стрелец во моментов Лигата на шампионите си го зазема местото и во репрезентацијата. 

Што се однесува до бројките на натпреварот, Хрватска водеше цел натпревар, главно со еден до два гола разлика. Во вториот дел во еден момент поведоа гостите и со плус 3 (16:13), но голманот на Словенија ги врати веднаш назад во игра и одново продолжи играта гол за гол која заврши со израмнувачкиот гол на Млакар и задоцнетиот погодок на Игор Карачиќ. 

Жига Млакар со 7 гола беше најефикасен кај Словенија, Иван Чупиќ со осум гола во редовите на Хрватска и воопшто на натпреварот. 
Овие две репрезентации ќе одиграат уште една контролна средба во рамките на неделата на ЕХФ. 

фото: siol.net
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk