Палмарсон потпиша за Барселона

Тримесечната сага која ги имаше сите елементи на шпански серијал денеска ја имаше финалната епизода. Барселона и Веспрем утрово кооридинирано објавија дека Арон Палмарсон е нов ракометар на Барселона. Договорот му трае до 2021 година. 

Овој епилог е единствениот што се очекуваше, со оглед на тоа дека Палмарсон на почетокот на сезоната одби да тренира и игра за Веспрем. Вееднаш беше суспендиран и се соочуваше со двегодишно отсуство од теренот, иако малку беше веројатно дека на тоа ќе заврши приказната. Отсуствово на Палмарсон значеше дека во моментот кога ќе се договорат Барселона и Веспрем тој ќе има право за настап во ЛШ за Барселона. Ако претходно одиграше макар и една минута за Веспрем, тоа веќе немаше да биде опција. 

Договорот на Барселона и Веспрем е пред истекот на рокот за пријавување на играчи, па Палмарсон ќе може да дебитира во ЛШ веќе во ноември. 

Веспрем објави дека трансферот е рекорден, но рекордната сума не е објавена, па така ќе слушаме непотврдени информации околу тоа дали биле 600.000 колку што сакаше да плати Барселона или 1.000.000 колку што бараше Веспрем. Сеедно. 

Барселона сега ќе биде поинаков тим, многу посилен и кадарен да му се спротивстави на Вардар во решавачките битки за тронот. Со оглед на тоа дека ПСЖ и натаму се претставува како атракција, а другите екипи со исклучок на Веспрем и не се нешто импресивни во ЛШ, Барселона посебно сега ја гледаме како најголемиот ривал на Вардар за пехарот.





 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk