Селекторско деби на Данило Брестовац

Нова генерација на македонски ракометари денеска ја почнува репрезентативната приказна. Сме биле сведоци на неколку вакви почетоци по што како финален резултат ги имаме добиено играчите како Миркуловски, Стоилов, Георгиевски, Талески, Нелоски... 

Сме биле сведоци и на периоди во кои не се обрнувало вистинско внимание на помладите генерации и како финален производ се појави вакуум при промената на генерациите во сениорската репрезентација. 

Ако се оди според планот, генерацијата што денеска ја почнува својата приказна, ќе има најдобар третман досега. Многу работи зависат од нив самите, а вистинскиот пат РФМ ќе се обиде да им го покаже преку Данило Брестовац. 

По неколку години условно кажано „стажирање“ на позиција асистент во Металург, во Франција и првиот самостоен клупски предизвик во Луксембург, Данило Брестовац ќе треба стекнатото знаење и искуство да го преслика во Македонија. 

„Јас изготвив елаборат што е доставен во РФМ каде што детално е објаснето какви се моите планови и какви принципи сакам да воведам во работата со младите играчи. Од изготвување на комплетно досие за секој ракометар, преку начинот на кој ќе бидат следени, до воведување на превентивни тренинзи и градење на комплетната спортска култура и карактер на играчите. Досега РФМ комплетно ми излезе во пресрет и верувам дека ни престои успешна соработка“, вели Брестовац. 


Првиот предизвик за овие момци ќе биде турнирот во Плоцк, што ќе се одржи викендов. Таму Македонија ќе ги одмери силите со Белорусија, Полска и Чешка. 


„Тие се репрезентации што се веќе формирани. Имав можност и да гледам нивни снимки, веќе имаат учествувано на турнири. За нас е ова почеток, имаме неколку дена да се подготвиме и да видиме како сето ова ќе изгледа. Нашата цел е за Светското првенство во 2019 година што ќе се одржи во Македонија, да имаме репрезентативен состав што ќе може да направи резултат. Има многу работа пред нас, но ќе вложиме максимален напор за да добиеме продукт каков што посакуваме“, вели Брестовац. 


Брестовац има 18 играчи за турнирот во Полска, во голем дел му се познати од времето кога работеше во Металург. Пошироката јавност, веројатно ќе препознае едно име - Мартин Серафимов. Десниот бек на Металург веќе има настапи и во Лигата на шампионите и во СЕХА Гаспром, а игра и во домашното првенство. 

Состав на репрезентацијата на Македонија:
Голмани: Марко Кизиќ (Вардар), Виктор Василевски (Металург 2), Андреј Петковски (Вардар)
Крила: Симон Гучевски (КЛ-7 Струга), Марко Божиновски (Металург 2), Дарко Кондев (Металург 2), Ален Ќосевски (Вардар), Васе Наков (Вардар)
Бекови: Илија Меловски (Металург 2), Тони Атанасовски (Вардар), Дејан Џигеровски (КЛ-7 Струга), Бобан Каковски (Еурофарм Работник), Мартин Карапалевски (Вардар), Мартин Серафимов (Металург), Димитар Ристовски (Металург 2)
Пикери: Кристијан Симоновски (КЛ-7 Струга), Андреј Митиќ (Металург 2), Мартин Мајсторовски (Вардар)
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk