Тинекс Пролет му го нанесе првиот пораз на Охрид сезонава. И тоа во „Билјанини извори“. Скопскиот тим славеше со 21:19 и исто како и пред три години на денешен ден, со победничко селфи го заврши гостувањето кај Охрид.
Тинекс Пролет на дербито настапи без тренер. Нивниот довчерашен тренер, Илија Темелковски го водеше својот нов клуб Еурофарм Работник до победа над Борец, во моментите кога скопскиот тим во Охрид се бореше за изненадување. На клупата го немаше ниту привременото решение Гино Стрезовски, па така екипата ја водеа членови на управата.
Нема долго да жалат по Темелковски затоа што Тинекс Пролет го надигра Охрид. Постојано водеше во текот на натпреварот, во најголем дел со два до три гола разлика. Во финишот Охрид успеа да се доближи, дури и израмни во еден момент (18:18), но до крајот скопјаните постигнаа три, а охриѓаните само еден гол.
Што се однесува до Охрид, тие по лошото издание во Порто се чини дека се уште не можат да се соземат. Во моментов иако имаат само еден пораз, ќе им треба многу брза рехабилитација, за ситуацијата да не се претвори во криза.
Во Радовиш, екипата на Металург 2 предводена од Шилегов (9 гола) и Серафимов (7) имаше водство од 24:22 во финишот, но последните два гола завршија во нивната мрежа и Радовиш втор пат сезонава се враќа од ваков минус во последните моменти и освојува бод. Се сеќавате во првото коло со пресврт го победија Пелистер.
Еурофарм Работник имаше доста мака со незгодниот Борец, но кон средината на второто полувреме поведе со 4 гола разлика (20:16) и од тој момент немаше никаков проблем за да стигне до победата, која на крајот беше и убедлива 31:24.
РЕЗУЛТАТИ:
Охрид - Тинекс Пролет 19:21 (11:13)
Радовиш - Металург 2 24:24 (15:13)
Еурофарм - Борец 31:24 (15:13)
Пелистер беше слободен
ВИП СУПЕР ЛИГА
ТАБЕЛА