ЛАРВИК - ВАРДАР 19:31 (9:16)
Пред една и пол година, Вардар го совлада Ларвик во 1/4 финалето на Лигата на шампионите со 34:20 и 28:26. Тоа беше Ларвик за кого играа сестрите Нора и Теа Морк, Лин Кристин Ригелут, Аманда Куртовиќ, Гро Хамерсенг, Марит Фрафјорд и така натаму.
Сега одново Вардар вкрсти копја со Ларвик, но овој тим е сосема поинаква приказна. Без ниту една од споменатите норвешки ѕвезди. Притиснат од финансиски проблеми, новиот Ларвик е продукт на кој не му е местото во Лигата на шампионите.
Вардар славеше победа од 31:19 а средбата ја одигра под нивото, без многу да се троши, со реализација и технички грешки од кои не може да биде задоволен Парондо.
Веројатно свесен со каков противник си има работа, Вардар премногу лабаво отвори и по 8 минути Парондо бараше тајм аут затоа што Ларвик водеше со 5:2.
По ова Вардар за момент го подигна нивото, на голот беше поставена Суслина и веднаш направи серија македонскиот тим од 5:0.
Но, не продолжи Вардар во истиот ритам, па Ларвик успеваше да се одржи до 22 минута и резултат 9:9. По ова Вардар одново почна да игра како што доликува на тим што се бори за шампионски пехар и не прими гол во последните 8 минути, а постигна седум.
Во вториот дел иако не форсираше многу, Вардар лесно ја одржуваше разликата и стигна до убедлива победа.
По еден ваков натпревар не држи многу да издвојуваме индивидуалци, па сепак ќе споменеме три имиња. Андреа Лекиќ си ја одработе својата улога на ниво, што на крајот и ја донесе и наградата за најдобар играч на натпреварот.
Ина Суслина имаше 17 интервенции и во еден дел од второто полувреме за 10 минути имаше примено само 1 гол.
Сара Ристовска влезе во игра при крајот на првиот дел, при резултат 9:9 на местото на индиспонираната Радичевиќ која ги промаши првите четири шута. Ристовска постигна 4 гола во серијата на Вардар, а мечот го заврши со скор 6 гола од 6 обиди.