По многу години роварење и еден одлучен потег, богатите клубови без испукан куршум ја добија војната со ЕХФ и во 2020 година ќе формираат Лига на шампиони по свој вкус.
Мало друштво од 12 клуба, но со голем апетит ќе ја има привилегијата да игра за шампионска титула и правото да се нарече најдобар во Европа. Тоа не им беше водечката сила. Истото тоа друштво ќе дели голем колач и ќе го има на ТВ како ексклузивен ракометен продукт. Дали ќе гледаме и македонски тим на ТВ е отворено прашање. Ако почнеше оваа лига утре, ќе гледавме, во 2020 - којзнае.
Читав разни текстови на темата, наречена е ракометна револуција, дури и пофалби и коментари од типот дека ова ќе биде ракометната НБА. Аха. Ќе биде. Сигурно. Со сите 1000-1500 гледачи колку што доаѓаат да ја гледаат Барселона во „Блау грана“ или ПСЖ во „Пјер Кубертен“.
Богатите клубови се договорија. Ако кога богатите ќе се договорат, јасно ви е кој ќе настрада.
Осумте најдобри држави ќе имаат свој претставник. Четири екипи, дополнително. Ова значи дека во оваа лига гарантирано ќе играат ПСЖ, Барселона, Веспрем, Келце и првакот на Германија веројатно и дански тим ќе има во ова одбрано друштво. Другите две места се променливи. Тоа е делот од колачето што ќе им остане на сите други. Само две места.
Четири екипи ќе бидат дополнително поканети. Некаде прочитав - квалификации. Навистина? Мислите дека ваков продукт ќе мине со една германска и една француска екипа? Дека другите ќе играат квалификации? Хм.. ајде да кажеме можеби, на почетокот.
Многу поверојатна е варијантата уште две германски, една француска и уште една екипа по избор да добијат покани.
Уште поверојатна е комбинацијата, можеби не веднаш, но мошне брзо, екипите од типот на ПСЖ, Барселона, Кил, Флензбург, Веспрем, Рајн Некар Левен... да потпишат долгорочни договори за играње во оваа лига. Не би се изнанадиле воопшто ако во некое идно време видиме и екипа од Доха или Дубаи на пример да заигра во оваа лига. Или специјална покана да стигне на адреса на Зенит, доколку навистина реши да вложи пари во ракометот. Поентата на овие примери е дека штом еднаш ја формираат оваа лига, екипите што ќе играат таму сами ќе одлучуваат кого ќе примат во своето друштво. И од година во година ќе се менува списокот на учесници се додека на добијат точно таква лига каква што сакаат.
Големите се договорија, ЕХФ си обезбеди уште 10 години владеење во ракометот и волците се сити. Овците допрва ќе се пребројуваат. Со играње во елита, уште од сега можат да се поздрават Русија, Украина, Белорусија, Турција, Словачка, Швајцарија, Португалија тука некаде се и Словенија, Хрватска, Македонија...
Играње во Лига на шампиони ќе биде мисловна именка за екипи какви што се Висла Плоцк, Пик Сегед, Нант, Чеховски медведи, Горење, Кристијанштад, Татран, Мотор, Металург, Порто...
Тие ќе бидат прераспределени во новата Европска ракометна лига која ќе биде налик на сегашниве групи „Ц“ и „Д“ во Лигата на шампионите. Колкава ќе биде желбата да се инвестираат милиони во клубовите за да се игра во втора лига...
Малите ќе добијат компензација. Па нели Европското првенство од 2020 година ќе се игра со 24 репрезентации.
Р. Ѓамовски