Раул ги чека сите на тренинг

Машката ракометна репрезентација на Македонија во понеделник ќе го има првиот собир во рамките на неделата на ЕХФ. Селекторот Раул Гонзалез повика 21 ракометар и со овие играчи ќе работи следната недела.
Македонија за разлика од најголемиот дел од репрезентациите нема да одигра контролни натпревари во овој период, туку само ќе тренира. 

Најмалку двајца ракометари се неизвесни за овој собир. Филип Кузмановски кој има повреда и повеќе од десет дена е надвор од тренажен процес, патем пропушти и три натпревари на Металург во ЛШ и СЕХА Гаспром и капитенот Кирил Лазаров кој исто така пропушти три натпревари на Нант. Селекторот ги чека и двајцата на прозивката. 

„Јас ги очекувам сите ракометари на собирот. Имаме многу играчи, ќе работиме овде и сите треба да бидат тука. Знам дека Кузмановски има проблем, но јас сакам тој да дојде, да биде овде, па по тоа ќе видиме. Иста е ситуацијата и со Лазаров. Засега не планирам да го менувам списокот“, изјави Раул Гонзалез. 


Овие подготовки се наменети за настап на Еввропското првенство во Хрватска, во јануари следната година. Македонија е во група со Словенија, Црна Гора и Германија и за пласман во следната рунда и со тоа во првиот шешир за квалификациите за следното СП ќе и биде потребно најмалку трето место во групата. 

Во неделата на ЕХФ нашите противници ќе играат пријателски натпревари. Црна Гора ќе игра со Чешка, Германија ќе ги одмерува силите со Шпанија, а Словенија ќе спарингува со Хрватска. 


Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk