Металург го изненади Спортинг

МЕТАЛУРГ - СПОРТИНГ 28:27 (17:13)

Металург стигна до првите бодови во Лигата на шампионите. Во Скопје падна Спортинг, екипа која важеше за фаворит во пресрет на мечот, ако ништо друго туку поради фактот што победија во Истанбул, а Металург дома загуби од Бешикташ. 

Металург победи минимално, драма во финишот имаше, а клучниот момент беше промашувањето на поранешниот играч на Металург, Јанко Божовиќ на минута до крајот на средбата. 

Како што Мустафа Хендави го отвори мечот за Бешикташ минатата недела, така и Аљоша Чудиќ отвори за Спортинг вечерва. Три одбрани за пет минути игра, но Спортинг покажа слабост во нападот, па Металург во 7. Минута водеше 3:1.
Два брзи напади на Португалците значеа и израмнување (3:3), па следеше статива од Пешевски и во деветтата минута за момент гостите го преземаа водството (4:3).

Филип Кузмановски во соло пробив, од гол на гол, нешто што полека станува негов заштитен знак во играта го врати Металург во воство (7:6) во 14 минута, а во 16 минута Металург прв пат зголеми и на два гола разлика.
Дарко Арсиќ ја запиша својата петта интервенција во 18 минута, а Металург напаѓаше за плус три и со голот на Ангелиќ запиша 11:8 на семафорот.

Од клупата на Спортинг како прва интервенција влезе агресивниот Педро Валдез, а треба да споменеме дека нивните најпознати играчи, Тијаго Роча и Карлос Руезга го преседоа овој дел на клупата. Исто како и Јанко Божовиќ, но за него тоа е веќе вообичаено. Валдез внесе жестина, помалку вон контрола,  а во еден обид и несмасно шутираше директно во лицето на Дарко Арсиќ.

Кузмановски имаше добра партија, Јагањац погоди кога требаше, а голманот на Спортинг се „заборави“ на четири интервенции и Металург ја одржа разликата.
Се играше 28 минута, Металург водеше 15:12 кога клупата на Спортинг побара минута одмор. Палевски од пенал ги постави конечните 17:13 по 30 минути игра. 

Со нов голман, Портела на десно крило што се уфрла како втор пивот го почна Спортинг вториот дел. Веднаш се виде разлика, немаа проблем во напад, брзо постигнуваа голови и разликата почна да се топи. 

Но агресивноста на Португалците ги разбуди и „металурзите“, па почна пожестока битка во која гостите почнаа да се губат, па мораше уште еднаш да интервенира клупата, по само 10 минути игра (22:18). 

По три одбрани по ред на голманот Аљоша Чудиќ кој во меѓувреме беше вратен на голот, Спортинг намали на 22:24 и напаѓаа за минимална негатив, но промашија, па Вања Илиќ зголеми на 25:22. 
Но, Металург не искористи уште еден напад, нова одбрана на голманот на Португалците и на 10 минути до крајот Спортинг се врати во игра (24:25). 

Кузмановски во следниот напад изнуди пенал и исклучување, а Палевски го погоди и петтиот седмерец и го врати македонскиот тим во водство од два гола. Спортинг играше без голман им испадна топката и Металург со гол на празна мрежа се врати без мака на плус три.

Чудиќ одбрани шут од чиста позиција на Пешевски при водство на Металург од 27:24, по тоа Копчо погоди и средбата одново стана неизвесна. Двојно исклучување беше досеудено за Едмилсон и Илиќ, па Металург напаѓаше без голман. 

Вртенката на Шилегов заврши во стативата, а на спротивната страна Портела погоди и намали на 26:27 на 3,5 минути до крајот. По ова и уште едно исклучување заработи Спортинг и се бранеше со 4 играчи. Но, Чудиќ одново му одбрани шут на Пешевски и дури тогаш во игра во видовме и Јанко Божовиќ.

Среќа што токму на него се базираше следниот напад. Незагреан, биеше во статива, а Илиќ од полуконтра зголеми на 28:26. До крајот Спортинг успеа да намали, но последниот напад на помалку од десет секунди беше за Металург.
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk